Полска: Туск разнишан, иако „преживеа“ гласање за доверба
12 јуни 2025Проевропскиот полски премиер Доналд Туск останува на функцијата. 243 од 453 присутни членови на Сејмот, полскиот парламент, гласаа во негова корист, односно сите членови на неговата коалиција (242) и еден независен. Имаше 210 гласа против.
Со гласањето на доверба, Туск се обиде да го намали притисокот и целта му беше да ја дисциплинира својата коалиција и да ѝ покаже на јавноста дека ја контролира ситуацијата. Неочекуваната победа на десниот конзервативен историчар Карол Навроцки на претседателските избори, ја доведе неговата влада од левиот центар во длабока криза. Навроцки, кандидатот на опозициската партија Право и правда (ПиС) на Јарослав Качински, на вториот круг од изборите на први јуни, го порази либералниот кандидат Рафал Часковски, близок соработник на Туск.
Кандидатот на партијата Граѓанска платформа (ПО) на Туск со 49 изгуби од Навроцки кој освои 51 процент од гласовите. Изборниот пораз му се припишува и лично на Туск и дополнително го заслабнаединството во неговата коалиција, која се состои од три блока. „Дали е готово со Туск?“, прашува магазинот Њусвик на својата насловна страница.
Десничарската ПиС гледа прилика
Партијата ПиС, која во декември 2023 година беше симната од власт, гледа шанса во сегашната криза. Качински побара оставка од Туск и формирање „техничка експертска влада“, иако претседателските избори, уставно гледано, немаат влијание врз владата.
„Го знам вкусот на победата и горчината на поразот, но не го знам зборот капитулација“, порача Туск во парламентот. Ден по изборниот пораз, тој изјави дека нема намера да отстапи „ни чекорче“. Пред гласање то во парламентот, тој ја повика владата напорно да работи во следните две и половина години и за јули најави реконструкција на кабинетот.
Пред пратениците ги наведе достигнувањата на својата влада, вклучително и враќањето на угледот на Полска на меѓународен план, успешната борба против нелегалната миграција и инвестирањето во одбраната. Слабите резултати на анкетите ги припиша на лошата информативна политика. Се очекува летово конечно да биде именуван портпарол на владата. До сега, самиот Туск, прилично неуспешно, ја објаснуваше работата на својот кабинет.
Пад на популарноста на владата
Според анкета објавена во среда (11 јуни), 58 проценти од испитаниците негативно ја оцениле работата на Туск како премиер, а 35 проценти му дале позитивна оценка. Целата влада има повеќе негативни оценки (44 проценти) отколку позитивни (32 проценти).
Парламентарниот деловник не предвидува дебата пред гласањето на доверба, туку само пратенички прашања. Повеќе од 280 пратеници го искористија ова право. Многу пратеници на ПиС го обвинија Туск дека има премногу близок однос со Германија, што наводно наштетува на полските интереси. „Вие им служите на германските интереси, а не на полските“, обвини поранешниот министер за образование Пшемислав Чарнек, и побара од Туск да си поднесе оставка. Поранешниот министер за култура Пјотр Глински ја обвини владата дека им доверува важни позиции во културните институции на луѓе кои ја ја застапуваат германската култура на сеќавање. Неколку пратеници го критикуваа проектот за природниот резерват Долна Одра како германски заговор за исклучување на реката Одра од сообраќајните текови. Туск ги опиша антигерманските изјави како „фобија, која што е излечива“. Тој не ја исклучи можноста Полска да воведе привремени гранични контроли летово.
Тешки времиња за Доналд Туск
Дури и ако успее да ја консолидира коалицијата, Туск се соочува со тешки времиња. Новиот претседател, кој ќе ја преземе функцијата на 6 август, уште во кампањата јасно стави до знаење дека сака да ја собори владата штоја смета за најлоша од 1989 година. Како и неговиот претходник Анджеј Дуда, Навроцки со вето ќе ги блокира повеќето закони предложени од владата, со што сериозно би можела да биде попречена нејзината работа.
Тој планира да го претвори претседателскиот кабинет во политички моќен центар, кој ќе дејствува како противтежа на владата во внатрешната и надворешната политика. „Постои опасност Полска под Навроцки повеќе да се поврзе со Виктор Орбан отколку со Фридрих Мерц“, вели Лике Фрис, заменик-директор на Европскиот совет за надворешни односи во интервју за „Газета Виборча“. Вајмарскиот триаголник (Полска, Германија, Франција) би можел да биде заменет со Вишеградската група, која ја сочинуваат Полска, Чешка, Словачка и Унгарија.
Новиот претседател со сопствена агенда
Во своето прво интервју за унгарското списание „Мандинер“, Навроцки се залага за посилна соработка во рамките на Вишеградската четворка. Орбан е еден од неговите најблиски сојузници. Навроцки веќе разговарал со Доналд Трамп и добил покана за посета на Белата куќа. Движењето МАГА ја поддржа неговата предизборна кампања. Украина со право стравува дека новиот човек во Варшава би можел да биде скептичен кон нејзините аспирации за членство во НАТО и ЕУ. „Качински и Навроцки се на ти и чувствуваат духовна блискост. Омразата кон Туск ги обединува“, пишува Доминика Вјеловејска за весникот „Газета Виборча“. „Навроцки сака да му се одмазди на Туск“, нагласува новинарката. Според анкетата од среда неделава, коалицијата на партијата од левиот центар го губи парламентарното мнозинство, додека десничарскиот блок на ПиС и Конфедерацијата добива на предност. Редовните парламентарни избори се закажани за есента 2027 година. Дали владата на Доналд Туск до тогаш ќе опстане, или внатрешните поделби ќе се покажат посилни, останува неизвесно.