„Сакам да му се заблагодарам на претседателот Трамп, голем пријател на Државата Израел“, рече тој. „Му се заблагодарувам што е со нас и му се заблагодарувам за поддршката што САД ни ја даваат во одбраната на израелското небо“.
Нетанјаху рече дека Израел се движи „чекор по чекор“ кон елиминирање на иранските нуклеарни закани и заканите од балистички ракети.
„Го напаѓаме режимот на ајатолахот со огромна сила. Ја напаѓаме нивната нуклеарна програма, нивните ракети, нивните штабови, нивните симболи на моќ“, додаде Нетанјаху, изразувајќи жал за „тешките загуби, болните загуби“ за својата земја.
Најмалку 24 лица се убиени, а 592 се повредени во иранските ракетни напади и напади со беспилотни летала што ги погодија урбаните центри во текот на изминатите шест дена, според израелските власти.
Израел не објави никакви евентуални воени загуби, но призна дека Техеран соборил израелски дрон.
Израел вечерва започна нова серија напади врз „локации за лансирање и складирање на ракети земја-земја“ во западен Иран, објави портпаролот на израелската војска Ефи Дефрин на прес-конференција.
„Авиони на воздухопловните сили летаат над местата за лансирање и складирање на ракети земја-земја“ и „ги напаѓаат оние кои се обидуваат да се вратат во областа за да ја извлечат муницијата од претходно погодените места“, рече тој, предупредувајќи против секаков обид за „обнова на терористичките капацитети областа“.
Иранската новинска агенција Ирна објави дека во израелски напад е погодена област каде што се наоѓа седиштето на полицијата во Техеран, при што биле повредени неколку полицајци.
„Неколку згради околу седиштето на националната полиција се нападнати, а одреден број наши колеги се ранети“, објави полицијата во соопштение цитирано од агенцијата ИРНА.
Државната телевизија објави дека Иран испалил хиперсонични ракети кон Израел.
Ракетите Фатах „успешно ја пробија одбраната на израелскиот режим“, соопшти телевизијата.
Израелската војска претходно објави дека открила лансирање на ракети од Иран.
Во израелските бомбардирања, според официјалните бројки објавени во неделата, во Иран загинале најмалку 224 лица, а повеќе од илјада биле ранети.