Мицкоски калкулира со парламентарни избори заедно со локалните
Од владеачката ВМРО-ДПМНЕ информираат дека во партијата сé уште се калкулира дали наесен заедно со локалните нè очекуваат и предвремени парламентарни избори.
И додека од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека се уште нема конечна одлука за избори, министерот Александар Николовски вчера во телевизиско интервју, излезе со дециден став дека прашањето за предвремени парламентарни избори е затворено, и есенва нé очекуваат само локални избори. Додека пак, лидерот на едното крило на Алијанса на Албанците, Арбен Таравари, денеска се изјасни дека одлуката за самостојни листи на претстојните локални избори е конечна.
Од коалицијата ВРЕДИ се на ставот дека барањето на ДУИ за предвремени парламентарни избори било дефокус за албанската заедница.
- Албанците не се наивни! Тие добро знаат дека на ДУИ ѝ е потребна „Пржинската влада“ само од една причина: да го прикрие криминалот на Али Ахмети и да ги скрие досиејата што излегуваат секојдневно! На фер и демократски избори, ВЛЕН не само што ќе ја избрише ДУИ од политичката мапа, туку конечно ќе ја испрати таму каде што одамна припаѓа, во историјата! - Соопштение од ВЛЕН/ВРЕДИ.
Како што брифира висок владин функционер за ТВ 24, Мицкоски има три политички сценарија - оваа есен заеднички локални и парламентарни избори, или пак само локални избори во октомври, но со потенцијал да повлечат и парламентарни напролет следната година.