Култура
„Балканско патување“ и гудачкиот квартет на Пламенка Трајковска со настап во Софија

Регионалното претставување на музичкиот проект „Балканско патување“ на гудачкиот квартет на Пламенка Трајковска започнува вечерва, со концерт што со почеток во 18.30 часот ќе биде одржан во галеријата на Културно-информативниот центар на РСМ во Софија, Република Бугарија.
На концертот настапуваат: Пламенка Трајковска – виолина, Милена Гиевска-Андоновска – виолина, Љубица Бошкоска – виола и Александра Јаневска на виолончело. Аранжманите се на Пламенка Трајковска. Концертот е со поддршка на Министерството за култура на Р.С. Македонија.
„Балканско патување“ е музичко-истражувачки проект, во кој се откриваат заедничките музички корени на балканските простори, богатата балканска музичка ризница и одделните мелодиски и ритмички елементи, кои се блиски на регионот, а за кои одделните народи сметаат дека се автентично нивни. Токму заедничките елементи се користени како основа за создавање на нови композиции со гудачки квартет.
Според Пламенка Трајковска, авторка на овој, по многу нешта, единствен музички проект, во новите композиции струјат неколку доминанти елементи како: влијанијата на класичната музика и сосема класичниот инструментариум на гудачкиот квартет, заедничките мелодиски и ритмички линии од сите региони на Балканот, како и аранжмански пристап кој има за цел да ги отслика музичките прелевања од регион во регион. Сите се вткаени во нови музички слики со гудачки квартет и балканска музика, кои имаат само еден наслов: Балканска композиција“.
Концертот „Балканско патување“ е покана и предизвик за слушателот преку интерпретација на балканските музички слики со гудачки квартет да се нурне во музичката ризница наречена Балканска музика за и преку неа да ја доживее историјата, културата и емоцијата на балканските народи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Концерт за чествување на светите Кирил и Методиј во црквата „Св. Софија“ во Охрид

Свечената културна манифестација посветена на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј по 11-ти пат традиционално ќе се одржи в сабота, 24 мај, со почеток во 19:00 часот во црквата „Св. Софија“ во Охрид.
Настанот ќе започне со воведна беседа за животот и делото на светите браќа, која ќе ја одржи проф. д-р Димитар Пандев. Потоа ќе следат музички настапи на ученици од ОМУ „Методи Патчев“, под уметничко раководство на м-р Даниел Чуркоски и Елица Рашкова. На крајот од програмата ќе настапи пијанистката Викторија Митеска-Малезан.
Во рамки на вечерта ќе бидат изведени дела од композиторите Ј. С. Бах, П. И. Чајковски, Ф. Шопен, В. А. Моцарт, Д. Шостакович и други.
Настанот е поддржан од Охридско-Кичевската Епархија, Општина Охрид и НУ Охридско Лето.
Влезот е слободен.
Култура
Кинотеката петти пат дел од европскиот проект „Сезона на филмските класици“

На 78. Филмски фестивал во Кан, Асоцијацијата на европски кинотеки (ACE) ја претстави шестата сезона на проектот „Сезона на филмски класици“, филмска програма која промовира европско филмско наследство преку бесплатни проекции во кино салите ширум Европа и онлајн.
Оваа година, за македонската и светската публика ќе биде прикажан култниот филм МАКЕДОНСКА КРВАВА СВАДБА (режија: Трајче Попов, 1967), во нова дигитално реставрирана копија. Оваа македонска филмска класика е базирана на истоимената драма од Војдан Чернодрински, и претставува трогателна приказна за борбата за слобода, достоинство и национален идентитет во времето на османлиската власт.
Во фокусот е младата Цвета, девојка од село што е киднапирана од турски бег за да биде одведена во неговиот харем. Нејзината борба за слобода станува симбол на отпорот на целото население, прикажан преку драматични сцени, силна актерска игра и патриотска нарација.
Филмот е едно од најзначајните дела во македонската кинематографија, и неговата дигитална реставрација овозможува ова филмско остварување повторно да оживее пред публиката од сите генерации – во слава на македонската културна меморија.
Кинотеката со своето петто учество продолжува да биде активен придонесувач во европските културни соработки, овозможувајќи пристап до ретки и значајни дела на филмската уметност и промовирајќи ја важноста на филмското архивирање пред новите генерации.
„Сезона на филмски класици“ акцентот го става на зачувувањето на културното наследство и вклучувањето на младата публика во таа мисија. Проектот е поддржан од програмата Креативна Европа МЕДИА на Европската унија и оваа година вклучува повеќе од 40 новореставрирани филмови од 27 европски архиви. Од неми филмови, преку женски перспективи и документарни класици, до авторски дебитантски дела, програмата го претставува богатството и разноликоста на европската филмска историја.
Во рамки на „Сезона на филмски класици“, ќе се прикажуваат филмови од јуни до декември оваа година, кои ќе бидат проследени со разговори, мастер-класи, музика во живо и едукативни активности. Избраните наслови ќе бидат и со англиски превод, а ќе бидат бесплатно достапни и онлајн.
Култура
Oтворање на 15. Филозофски филмски фестивал со „Евангелие според Матеј“ од Пазолини

Вечерва почнува 15. јубилеен Филозофскиот филмски фестивал со проекцијата на филмот „Евангелие според Матеј“ (1964) од истакнатиот италијански режисер Пјер Паоло Пазолини (1922-1975).
Со почеток од 20:30 часот во кино-салата на Кинотеката, посетителите ќе можат да го проследат филмот чија мотивација за снимање биле поетските врвови на Евангелието и преку кој Пазолини, со неговите контроверзни ставови за религијата, успеал да создаде импресивен библиски филм. Претходно, во свечениот дел (почеток во 20:00 часот) поздравни обраќања ќе имаат Ѓорѓи Пулевски, програмски директор на Фестивалот и Н.Е. Паоло Палминтери, амбасадор на Република Италија во Скопје.
„Евангелие според Матеј“ е дел од Ревијалната програма на Фестивалот, но воедно и последен филм од Ретроспективата Пазолини што во изминатиот период ФФФ ја организираше со поддршка на Амбасадата на Италија.
„Евангелие по Матеј“ е библиската драма режирана од Пиер Паоло Пазолини што го следи животот на Исус Христос како што е претставен во Евангелието според Матеј од Новиот Завет. Дијалозите во италијанскиот филм го следат автентичниот текст на евангелието, кое се фокусира на учењата на Исус, вклучително и неговите алегории. Снимен e на локации во Јужна Италија, во манирот на италијанскиот неореализам, со впечатлива документаристичка црно-бела фотографија, и со непрофесионални актери, вклучително и мајката на режисерот, Сузана Пазолини, во улогата на постарата Марија, мајката на Христос. Исус е толкуван од Енрике Иразоквај, шпански студент со марксистички убедувања кој бил во посета на Рим токму во времето кога Пазолини долго време барал човек кој ќе го толкува главниот лик во наредниот негов филм. Неговиот Исус го има токму духот на 1960-те – личност која протестира против војните, дебатира против материјализмот и привилегиите на богатите.“
(Билетите за сето време на оджување на Фестивалот се по редовните цени во Кинотеката, односно 150 денари по проекција.)