Мудри досетки, впечатливи детски реплики, другарство и дружба на разни генерации дечиња беа дел од вечерашната изведба на сценската адаптација на една од најпознатите книги за деца, „Зоки Поки” од Оливера Николова.
Драмската изведба на адаптираниот текст чијшто автор е Ирена Белешковска, во режија на Габриела Стојановска, е проект работен под покровителство на Националната установа Центар за култура, со финансиска поддршка од Министерството за култура на Република Македонија.
Стручни соработници во претставата беа Емилија Колевска и Јасна Ѓоргиевска, а улогите ги изведоа млади талентирани ученици од двете основни училишта од Крива Паланка, на возраст од 7 до 15 години.
– Ова е прва детска драмска претстава во продукција на нашата установа, што според интересот на дечињата за глума и ангажманот на соработниците, наставнички по македонски јазик и книжевници, дефинитивно е иницијација на нови драмски активности што треба да се реализираат и во периодот што следува, рече Даниела Петровска, координатор на проектот од библиотеката “Кочо Рацин” при НУ Центар за култура Крива Паланка.
Публиката во преполната сала уживаше со детските мудрости и палавштини на омилениот јунак од лектирите, а од НУЦК истакнаа дека со претставата е планирано да настапат и во останати домови и центри за култура од државата, како и да се претстават во соседните земји на меѓународни детски драмски фестивали.