ЕК ги казни „Apple“ и „Мeta“ поради кршењето на правилата од Актот за дигитални пазари

Европската комисија во средата одлучи да ги казни американските технолошки гиганти „Apple“ и „Meta“ поради кршење на европските правила за конкуренција.

„Apple“ е казнет со 500 милиони евра поради обврските кои произлегуваат од Законот за европските дигитални пазари, имено нефер услови во App Store, а „Meta“, сопственикот на социјалните мрежи Facebook и Instagram, е казнет со 200 милиони евра поради прекршување на својата обврска да им дозволи на потрошувачите да изберат услуга што користи помалку од нивните лични податоци.

Ова се првите санкции наметнати според новата регулатива за европски дигитални пазари (DMA), која стапи на сила минатата година за да се запре злоупотребата на доминантните позиции од страна на технолошките гиганти.

Овие одлуки се донесени во многу деликатен момент за трансатлантските односи, додека Европската комисија преговара со американската администрација за укинување на царините.

Американската администрација смета дека овие европски регулативи се нетарифни бариери за пристап на американските компании до европскиот пазар. Од друга страна, Европската комисија се одлучи за овие санкции бидејќи тоа е прекршување на регулативата што самата ја предложи и сигурно ќе беше изложена на остри критики доколку на преговарачка маса го ставише почитувањето на правилата во однос на царините, што го бараат Американците.

Сепак, изречените казни се многу скромни, што може да се протолкува како желба на Комисијата да не го налути премногу американскиот претседател Доналд Трамп. Но, казните би можеле да достигнат многу големи суми доколку „Apple“ и „Meta“ не покажат добра волја и во рок од 60 дена не ги отстранат причините поради кои сега се казнуваат.

„Apple и Meta се должни да постапат согласно одлуките на Комисијата во рок од 60 дена, во спротивно ризикуваат периодични казни“, наведуваат од Комисијата.

„Apple и Meta не успеаја да се усогласат со Законот за дигитални пазари со спроведување на мерки кои ја зголемуваат зависноста на деловните корисници и потрошувачите од нивните платформи. Затоа презедовме решителни, но избалансирани мерки за извршување против двете компании, засновани на јасни и предвидливи правила. Сите компании кои работат во ЕУ мора да ги следат нашите закони и да ги почитуваат европските вредности“, се вели во изјавата на Тересабер, извршниот директор на Комисијата.