Плодното земјиште отиде за фотоволтаици, сега имаме вишок на струја и недостиг на храна

од Љубиша Владимиров
9,5K прегледи

Изминативе години на голем дел од плодните земјоделски површини се поставуваа фотоволтаици. Земјоделците постојано апелираа да не се врши пренамена на најквалитетното земјоделско земјиште од прва до четврта категорија, бидејќи ќе останеме и без тоа земјоделско производство што го имаме. Сега, како резултат на наглото зголемување на производството од фотоволтаици имаме вишок на струја, а недостиг на храна.  

-Со узурпација на земјоделското земјиште за поставување на фотоволтаици се врши деградација на плодната почва, а за тоа нема никаква економска логика. Ако споредиме по единица површина добивката што се остварува со одгледување на земјоделски производи е далеку поголема од бенефитот што се остварува со производство на струја од фотоволтаици. Поради вишокот на производство на електрична енергија од фотоволтаици енергетскиот систем е на раб на колапс, а во слична ситуација е и земјоделскиот сектор, вели за „Локално„, Ѓорѓи Каракашев, претседател на Националната земјоделска мрежа. 

Тој вели дека како резултат на пренамена на плодното земјоделско земјиште се соочуваме со недостиг на храна. Имаме увоз на храна во вредност од над милијарда евра со тенденденција на понатамошно зголемување.  

-Практиките во светот покажуваат дека фотоволтаици се поставуваат на земјиште кое е непогодно за одгледување на земјоделски култури, како ридско-планински предели, непристапно, земјиште покрај автопат…Освен тоа во Македонија постои закон со кој е заштитено земјоделското земјиште од прва до четврта кетегорија. Со овој закон се забранува изведување на градежни објекти од траен карактер. Според науката за да се формира еден сантиметар плодно земјиште потребно е минимум 1.000 години. Со тоа се докажува важноста на почвата како природен ресурс за една држава, објаснува Каракашев. 

Со оглед на фактот дека земјоделците се разочарани од моменталната ситуација која владее во секторот, ниски откупни цени, манипулации од страна на откупувачите и тргоивците…лесно подлегнуваат на притисоците на инвеститорите и го продаваат земјоделското земјиште кое со години се користело за производство на храна. 

И покрај тоа што во Македонија постои Закон со кој се дозволува фотоволтаици да се поставуваат на земјиште класифицирано од петта до осма класа без разлика дали тоа е во државна или приватна сопственост, но тоа не се почитува. Земјоделците велат дека инвеститорите го заобиколуваат законот и го гледаат само нивниот личен интерес, а не интересот на заедницата. 

Македонскиот електроенергетски систем изминатиот период се соочи со сериозни предизвици поради наглото зголемување на производството на струја од фотоволтаици. За време на велигденските празници ситуацијата била на раб на колапс. Како што информираа надлежните, вишокот на електрична енергија немало каде да се пренасочи, а единствен начин да се избегне хаварија бил со итно исклучување на дел од соларните капацитети од системот. 

Б.С.

 

Слични содржини