Капитенот на одбојкарскиот национален тим, Никола Ѓорѓиев, зборуваше со голема доза оптимизам во пресрет на мечевите од Златната лига и европските квалификации.
Нашиот најискусен одбојкар изјави дека сите репрезентативци знаат за што се дојдени и ќе се обидат да ја остварат главната цел – пласман на Европското првенство.
„Без оглед на тоа што веќе две децении сум репрезентативец, секогаш доаѓам полн со мотивација и желба за добри резултати. Започнуваме ново поглавје и среќен сум поради тоа. Момчињата се расположени, веќе го одработивме првиот тренинг и верувам дека можеме да се фокусираме на главната цел.
Ќе одиме чекор по чекор, сакам сите да живееме еден за друг и одлично да се воиграме. Не сакам ништо да ветувам, пласманот на завршниот турнир во моментов ми изгледа како преголем залак, но за три недели може многу работи да се променат.
Златната лига ни нуди многу силни ривали, но нема да се плашиме и против сите ќе одиме на победа. Најважни се мечевите со Грузија и Грција, иако дотогаш ќе треба да видиме какви ќе бидат и другите резултати. Мислам дека мечот со Грците ќе биде вистински празник на одбојката“, заклучи Ѓорѓиев.