Спорт
УЕФА ги продава глобалните комерцијални права на американската агенција

Европската фудбалска унија (УЕФА) соопшти дека започнала преговори за продажба на телевизиските права со американската агенција „Релевант спортс“ за периодот од 2027 до 2033 година.
УЕФА на тој начин планира да ја прекине соработката со швајцарската агенција „Тим Маркетинг“, која од 1992 година ги продава телевизиските права за Лигата на шампионите.
УЕФА додаде дека одлуката во корист на американската агенција била донесена по тендер, „во кој биле вклучени понуди од неколку светски и регионални агенции“.
„Нормално, ние сме разочарани, но остануваме неверојатно горди на работата што ја направивме заедно со УЕФА во последните 35 години. Заедно, изградивме глобално призната комерцијална програма која генерира над 50 милијарди евра приход за европскиот клубски фудбал“, соопштија од швајцарската агенција.
Договорот со американската агенција би можел да ги обнови шпекулациите дека финалето на Лигата на шампионите еден ден може да се игра во САД. Ова е редовна тема откако Словенецот Александар Чеферин беше избран на чело на УЕФА во 2016 година.
Американската агенција „Релевант спортс“ ја води Стивен Рос, сопственик на Мајами Долфинс, клуб кој се натпреварува во американскиот фудбал (НФЛ), а потпишувањето на договорот со УЕФА се очекува во следните неколку недели.
Првиот договор на „Релевант спортс“ со УЕФА беше постигнат во 2022 година и вклучува продажба на правата од Лигата на шампионите само за територијата на САД.
Според плановите, УЕФА треба да генерира бруто комерцијален приход од најмалку 4,4 милијарди евра до 2027 година, од продажбата на телевизиските права за Лигата на шампионите, Лига Европа, Конференциската лига и Суперкупот, сето тоа преку својот сегашен партнер од Швајцарија.
Оваа сезона 36-те екипи од Лигата на шампионите ќе поделат околу 2,5 милијарди евра од наградниот фонд на УЕФА.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Ливерпул ја отфрли понудата од 67,5 милиони евра на Баерн Минхен за трансфер на Луис Дијаз

Ливерпул ја отфрли првата официјална понуда на Баерн Минхен за крилниот напаѓач Луис Дијаз. Се верува дека понудата е вредна 58,5 милиони фунти (67,5 милиони евра) – и клубот ја одби целосно, јави „Скај Спортс њуз“ од каде тврдат дека Ливерпул му одговорил на Баерн дека Дијаз не е на продажба.
Сепак, Баерн верува дека Дијаз е заинтересиран да им се придружи. Според „Скај“ во Германија, Баерн подготвува уште една понуда за Дијаз, кој останува врвен приоритет за германските шампиони.
Доколку го сторат тоа, тогаш Ливерпул треба да донесе уште една одлука – но ставот на клубот досега ова лето е недвосмислен.
Тие сметаат дека не е на продажба и не сакаат никакви понатамошни понуди. За нив Дијаз останува важен играч не само за претстојната сезона, туку и за остатокот од неговиот договор, кој има уште две години до истекување.
Се смета дека клубот од „Енфилд“ им го ставил тоа јасно до знаење на сите заинтересирани клубови, што ја вклучува и Барселона ова лето.
Внатрешното сметководство на Ливерпул го проценува Дијаз на повеќе од 86 милиони фунти (100 милиони евра+), но клубот не поставил продажна цена бидејќи немаат намера да го продадат.
Спорт
Хендерсон потпиша двегодишен договор со Брентфорд

Брентфорд го заврши потпишувањето на двегодишниот договор со англискиот фудбалер и поранешен капитен на Ливерпул, Џордан Хендерсон, по неговото неодамнешно заминување од Ајакс, објави Би – Би Си Спорт.
35-годишниот Хендерсон, помина 12 години во Ливерпул, каде што ја освои Премиер Лигата, Лигата на шампиони, ФА Купот, два Лигашки купа, Комунити Шилд, Супер куп и Куп на светски клубови.
Во јули 2023 година, се приклучи на саудискиот клуб Ал-Етифак, управуван од поранешниот соиграч од Ливерпул, Стивен Џерард, но шест месеци подоцна неговиот договор беше поништен и се приклучи на Ајакс. Минатата недела, холандскиот клуб се согласи да го прекине договорот со Хендерсон година порано. Хендерсон доби повик за Англија во март од новиот менаџер Томас Тухел.
Спорт
Загина тркачот за кој се верува дека е најстариот маратонец: на 114 години го удрил автомобил додека поминувал улица
Светот на атлетиката изгуби вистинска легенда – Фаџа Сингх, најстариот човек за кој се верува дека некогаш истрчал маратон, трагично почина во сообраќајна несреќа на 114 години.
Го удрило возило додека поминувал преку патот во неговото родно село Беас Пинд во Индија, јави британски„Скај њус“.
Веста предизвика жалост во целата спортска заедница, особено меѓу атлетите и тркачите ширум светот, кои го сметаа Британецот за голема инспирација.
Фаџа Сингх живеел во британскиот Илфорд од 1992. година, а и покрај скромните физички предиспозиции во детството, не можел да оди до петата година поради слаби нозе, во подоцнежните години станал симбол на издржливост и виталност.
Својот прв маратон во Лондон го истрчал во 2000. година со време од 6 часа и 54 минути, речиси час побрзо од останатите тркачи во таа возрасна група.
Личен рекорд поставил во 2003. во Торонто, завршил маратон за импресивни 5 часа и 40 минути.
Во 2011 година, влезе во историјата како првиот стогодишник што истрчал маратон, а во 2012 година беше и носител на олимпискиот факел на Игрите во Лондон.
Последната трка – 10 километри – ја истрча во 2013 година во Хонг Конг за 1 час, 32 минути и 28 секунди, по што се повлече од натпреварите.
Долговечноста и здравјето, велеше, ги должи на вегетаријанската исхрана полна со ѓумбир и редовната медитација.
Фаџа Синг ќе остане запаметен не само како спортски феномен туку и како мотивациска икона, која покажа дека границите често се само во нашите глави.
Фото: Принтскрин