Култура
Љутков: Концертот на „Танец“ е прослава на македонската култура и традиција, нашето минато, сегашност, но и иднина…

„75 години Македонски код“ беше насловот на завршниот јубилеен концерт на Националниот ансамбл за народни игри и песни „Танец“, што се одржа вчеравечер во Националната опера и балет. Ова патување низ македонската фолклорна традиција е кулминација на серијата јубилејни концерти што Ансамблот ги одржа низ годината, славејќи ја македонската култура и традиција.
Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, честитајќи им го јубилејот на сите вработени во Ансамблот, им се заблагодари за нивниот придонес во градењето на реномето на оваа институција, која е национален бренд и е гордост на македонската култура.
– Низ својата културна мисија низ децениите, „Танец“, кој го носи епитетот најстар и единствен државен ансамбл од ваков вид, прерасна во достоен репрезент на најубавото, непроценливото македонско фолклорно богатство и творештво кое го потврдува идентитетот на македонскиот народ. Изведувајќи ги „Тешкото“, „Невестинското“, „Комитското“ и другите македонски фолклорни бисери на многубројните настапи на концертни сцени во светот, „Танец“ одигра историска мисија, покажа и докажа дека Македонија со својата богата етнокореолошка традиција зазема маркантно место во семејството на народите кои ја споделуваат својата богата култура со целиот свет – рече Љутков.
Тој изрази уверување дека и во иднина „Танец“ ќе биде врвен промотор на Македонија, преку кој, како што рече, ќе ја прославуваме македонската култура и традиција, нашето минато, сегашност, но и иднина…
Ансамблот „Танец“ е основан во март 1949 година во Скопје и веќе 75 години е еден од најстамените столбови на македонската култура и традиција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
„Одбрана и заштита“ – моќниот перфероманс на Маја Зеќо денес во Скопје

Уметницата Маја Зеќо ќе го изведе перформансот „Одбрана и заштита“ денес, 19 јуни со почеток во 19:30 часот. Перформансот започнува од споменикот на Цар Самоил на Плоштад Македонија, и ќе трае околу 90 минути. Публиката може да го проследи целиот перформанс или дел од него.
Овој моќен перформанс е дел од нејзината тековна изложба „Нарушени иднини“ во КСП Центар- Јадро, а претходно е изведен во Загреб и Лондон.
Во „Одбрана и заштита“, уметницата носи засилен костим со вградени звучници кои емитуваат звуци од воени дронови и поврзани фреквенции. Делото се осврнува на постепеното губење на нашето колективно чувство на сигурност и на потребата сè повеќе сами да се грижиме за сопствениот опстанок во денешниот, крајно сложен глобален политички контекст.
Публиката е поканета активно да учествува: на лице место ќе биде достапен QR-код со кој присутните ќе можат да се приклучат и да ги репродуцираат звуците преку своите уреди.
Зеќо во своите делата користи стратегии на перформанс и звучна уметност за да се справи со современите ургентности за местото, идентитетот, миграцијата, деколонијалните и балканските футуризми. Таа изложувала меѓународно во Абердин, Единбург, Загреб, Сараево и Мелбурн, Австралија.
Изложбата „Нарушени иднини“е отворена во КСП Центар- Јадро до 26 јуни.
Маја Зеќо е родена во Сараево а живее во Шкотска од 2015 година. Таа е интердисциплинарна уметница која работи на пресекот меѓу перформанс, звук и подвижна слика. Во нејзината истражувачки ориентирана пракса, таа се занимава со теми како идентитети, деколонијалност и идеи за балкански футуризми. Критичкото истражување на овие теми ја води Маја кон акти на само-погребување, нуркање во вода за повикување сеќавања, експерименти со сензорно попречување и практики на издржливост. Таа заврши докторски студии базирани на пракса во 2019 година и ги има претставено своите дела низ Обединетото Кралство и на меѓународно ниво, вклучувајќи ги Лондон, Лестер, Линколн, Единбург, Перт, Абердин, Цирих, Сараево и Загреб.
Култура
Дваесет и пет писатели доаѓаат во Охрид и Струга на конференцијата на Македонскиот П.Е.Н. центар

Од 19 до 21 јуни Македонскиот П.Е.Н. центар ќе ја одржи јубилејната ХХ Регионална конференција, на која ќе учествуваат дваесет и пет писатели од девет ПЕН центри. Темата на годинешниот Симпозиум е „Постхуманизам и книжевност“.
Писателите низ дијалог ќе се обидат да најдат одговори на низа актуелни прашања за статусот на книжевноста и уметноста во ерата на вртоглав технолошки развој поврзан со употребата на вештачката интелигенција. Излагањата од Симпозиумот ќе се сосредоточат на позитивните и негативните аспекти на примената на ВИ во книжевноста; ВИ и имагинацијата, ChatGPT и плагијаризмот; хуманистичкото образование и ВИ, со цел да се понудат одговори на прашањето за состојбата на човекот денес, односно: „дали сме веќе навлезени во добата на постхуманизмот?“
Во рамките на Конференцијата ќе се одржи состанок на Балканската ПЕН мрежа, посветен првенствено на перспективите на соработка, меѓусебното преведување, но и заедничка афирмација на балканските книжевности и културни достигнувања на меѓународен план. Програмата предвидува и две книжевни читања на делата на учесниците: во Меморијалната куќа на Григор Прличев во Охрид на 20 јуни, со почеток во 19ч., како и во Меморијалната куќа на Браќата Миладиновци во Струга на 21 јуни, со почеток во 13 ч.
Учесници на јубилејната конференција на Македонскиот П.Е.Н. центар се: Вида Огненовиќ и Владислав Бајац (од Српскиот ПЕН), Ентела Каси и Ахмет Пренчи (од Албанскит ПЕН), Петар Чухов и Иван Христов (од Бугарскиот ПЕН), Тарик Ѓунерсел (од Турскиот ПЕН), Драгана Кршенковиќ Брковиќ (од Црногорскиот ПЕН), Бинак Кељменди (од Косовскиот ПЕН), Иштван Турчи (од Унгарскиот ПЕН), Ванѓел Дуновски (од Влашкиот ПЕН), како и низа членови на Македонскиот ПЕН: Зоран Анчевски, Игор Анѓелков, Наташа Аврамовска, Бранко Цветкоски, Славе Ѓорго Димоски, Димитрие Дурацовски, Иван Џепароски, Лидија Капушевска-Дракулевска, Катица Ќулавкова, Ермис Лафазановски, Владимир Мартиновски, Александар Прокопиев и Соња Стојменска-Елзесер. Музичкиот дел од програмата ќе биде во изведба на Бранислав Николов, пејачот на составите „Фолтин“ и „Пијан славеј“.
Јубилејната Регионална конференција на Македонскиот ПЕН центар ќе се одржи со поддршка на Министерството за култура и туризам на РС Македонија, а програмата во Струга ќе биде изведена во соработка со Струшките вечери на поезијата.
Култура
На 21 јуни во Музејот на град Скопје ќе биде отворена изложбата „Зона фобија“

Во рамките на манифестацијата Скопско лето 2025 на 21 јуни во Музејот на град Скопје во 19 часот ќе биде отворена изложбата „Зона фобија“ од нашиот реномиран уметник Томе Аџиевски.
Трагајки по топосите на источноевропската авангарда авторот се потсетува на филмот Сталкер од режисерот Андреј Тарковски. Во „забранетата зона“ од филмот тој препознава многу сличност со „менталната зона“ денес во Македонија.
Уметникот ќе раскаже 5 визуелни приказни за первертираната перцепција кон вистината што перманентно ни се случува од бившата држава па се до денес.
Публиката ќе биде вовлечена во „Зона фобија“рушевина од старата железничка станица сместена меѓу модерни облакодери.Утопија среде анти утопија,вистинска метафора за нашиот постземјотресен менталитет.
На изложбата симболично ќе бидат раздавани каталози од разни изложби на авторот по симболична цена,а собраните сретстве ќе бидат донирани на здружението за заштита на животноте „Anima Mundi“.