• Горан Упале

Најтрофејниот македонски ракометен колектив, Вардар 1961, денес претстави ново име во стручниот штаб, но најави и промени во функцијата координатор во младинските категории. Легендарниот хрватски голман Марио Келентриќ ќе биде новиот тренер на голманите на сениорскиот тим, а досегашниот Стојан Петрушевски, останува дел од стручниот кадар и ќе биде задолжен за развојот на млади таленти низ младинските категории, како и за скаутирање на нови имиња.
Оваа функција досега ја извршуваше поранешниот тренер на сениорскиот тим Владо Недановски, кој според информациите на Gol.mk, наскоро ќе добие нова задача во клубот. Поранешното крило на вардарци треба да биде назначен за нов спортски директор на двократниот европски шампион.
Недановски поголемиот дел од својата кариера го носеше дресот на Вардар 1961, тој беше во тимот и во периодот кога „црно-црните“ двапати ја освоија Европа, а по завршувањето на играчката кариера неколку сезони беше шеф на стручниот штаб на првиот тим. Сега, добива улога која е една од клучните во секој сериозен клуб и токму тој треба да биде архитектот на ростерот на првиот тим.
Хрватските медиуми пред неколку дена пишуваа дека за оваа функција кандидат бил и Игор Карачиќ, уште една легенда на Вардар, но хрватскиот ас смета дека е рано за пензија и ќе ја продолжи својата играчка кариера, а нема да биде изненадување доколку одново го облече дресот на македонскиот вицешампион.
Вардар за в петок најави прес-конференција, на која ќе биде назначен Иван Чупиќ за нов тренер на тимот, за кого пишувавме уште пред неколку дена, а многу веројатно тогаш ќе биде потврдена и новата функција на Владо Недановски.