Синер сигурен со Черундоло, Зверев чекори кон одбрана на трофејот во Рим

Италијанскиот тенисер Јаник Синер се пласираше во четвртфиналето на Мастерсот во Рим, каде во осминафиналната фаза го елиминираше Франческо Черундоло со 2-0, по сетови 7-6/2 и 6-3. 

Мечот траеше два часа и 18 минути, а првиот светски рекет славеше над седумнаесет позиции послаборангираниот ривал и во следната фаза ќе се соочи со победникот од дуелот меѓу Каспер Руд и Хаум Мунар. 

Пласман меѓу осумте најдобри обезбеди и бранителот на трофејот, Александар Зверев, кој за еден час и 45 минути го комплетираше триумфот над Французинот Артур Филс со 2-0, по сетови 7-6/3 и 6-1. 

Германскиот тенисер во следната рунда за противник ќе го има Лоренцо Мусети од Италија.