
Апликацијата за онлајн запознавање Tinder додава нова функција за состанок со четворка во обид да привлече членови на Генерацијата Z и млади жени кои бараат состаноци со помалку притисок, објави германската новинска агенција dpa во вторникoт.
Функцијата ќе биде додадена на апликацијата во Обединетото Кралство од средината на јули.
Корисниците кои ја активираат функцијата „состанок во четворка“ можат да изберат до три пријатела со кои можат да оформат двојка.
Двојките потоа можат да изберат други двојки на апликацијата со кои ќе се спојат, за што е потребно „лајк“ од само едно лице од секоја двојка. Кога тоа ќе се случи, се отвора групен разговор каде што двојките можат да разговараат и да закажат состанок.
Tinder, кој ја тестирал функцијата со некои од своите корисници на меѓународните пазари веќе неколку месеци, изјави дека се обидува да привлече млади мажи и жени кои бараат посоцијален начин на запознавање на други луѓе, со помалку притисок.
Според компанијата, речиси 90 отсто од корисничките профили кои ја користат функцијата биле под 29 години.
Генерацијата Z, која обично се однесува на луѓе родени во периодот меѓу 1997 и 2012 година, сочинува повеќе од половина од глобалната база на корисници на Tinder.
Платформата ги засилува своите напори за задржување на жените и корисниците од Генерацијата Z по пандемијата COVID-19, растечките безбедносни загрижености и пошироката промена во пристапот на младите луѓе кога станува збор за состанувањето.
Напорите вклучуваат дополнителни безбедносни функции како што се верификација на идентитетот и опцијата корисниците на апликацијата да споделат детали за состанокот со членови на семејството или пријателите, како што се времето, локацијата и фотографијата на лицето со кое се поврзани.
Лансиран во 2012 година, Tinder помогна во популаризацијата на онлајн состанувањето и сега има околу 50 милиони месечни корисници, најмногу од која и да е апликација за запознавање во светот.
Апликацијата е во сопственост на „Match Group“, компанија со седиште во Лос Анџелес, која поседува и голем број други платформи за запознавање, вклучувајќи ги Hinge и OkCupid.
Податоците од фазата на тестирање покажала дека жените имаат трипати поголема веројатност да „лајкнат“ двојка отколку поединечен профил, а стапките на спојување биле значително повисоки за оние кои ја користеле функцијата.
Tinder, исто така, изјави дека функцијата помага да се привлечат нови корисници, како и поранешни, при што 15 отсто од оние кои прифатиле покана за користење на функцијата се нови на платформата или неодамна го реактивирале својот профил.