• Мартин Танасковски
Стручниот штаб на Македонија е побогат за уште едно име. Столе Стоилов, сегашен асистент во Вардар, а претходен долгогодишен репрезентативец и двократен европски клупски првак, се приклучи на националниот тим.
Селекторот на Македонија, Кирил Лазаров, му посака добредојде на Стоилов во тимот, а кажа дека поддршката од вакви легенди секогаш е добредојдена. Воедно, посочи дека секој кој може да даде придонес за репрезентацијата е добредојден.
„Имаме новост на овој собир, во стручниот штаб ни се приклучува Стојанче Стоилов. Тука ќе биде заедно со целиот стручен штаб што беше заедно со нас на Светското првенство. Секој кој сака да даде поддршка е добредојден, од наши легенди, од играчи, од тренери што имаат поминато многу врвен ракомет, што знаат, така што секоја поддршка од врвна македонска легенда што поминала низ вакви мечеви и мечеви на повисоко ниво ни е добредојдена“, изјави Лазаров.
Македонија ги затвора квалификациите за ЕП 2026 со мечеви со Естонија на гости и Литванија на домашен терен. Дуелот во Талин се игра на 8 мај, додека мечот со Литванците во Скопје во СЦ „Јане Сандански“ е закажан на 11 мај.