(Фото) Чонгчинг – мега градската метропола што западот избра да ја игнорира
Доколку сте фасцинирани од огромни бројки и урбана екстраваганција, Чонгчинг е градот што ќе ве воодушеви. Со историја долга 2.500 години, оваа метропола во југозападна Кина не е само најголем град во Кина, туку е и најголем град во светот по површина – еднаков на Австрија, со 32 милиони постојани жители. Чонгчинг е и водечка светска индустриска метропола: се произведуваат 30% од светските лаптопи, голем број компоненти за смартфони, една третина од мопедите и една осмина од автомобилите во Кина.

И покрај ова, надвор од Азија малкумина знаат каде се наоѓа Чонгкинг, а уште помалку се свесни за неговото глобално значење. Тоа е показател за длабокиот јаз помеѓу Западот и Кина – недоразбирање кое го потценува вистинскиот обем на кинескиот напредок и економска моќ.
Сместен на реката Јангце и опкружен со планини, Чонгкинг сведочи за економскиот развој на внатрешните кинески провинции. Неговиот раст е потпомогнат со стратегиски логистички мрежи – железнички и патни правци кон Пекинг, Гуангџоу, пацифичките пристаништа и преку Централна Азија кон Европа, како дел од новите патишта на свилата.

Во најновата посета на Кина, фокусирана на развојот на вештачката интелигенција (AI) во индустријата и медиумите, впечатокот од Чонгчинг е дека овој град е симбол на урбана иднина. Со помош на вештачката интелегенција, администрацијата управува со системите за канализација при тропски дождови, го регулира сообраќајот преку паметни семафори и го надгледува движењето на метро ескалаторите во реално време. Првиот воз што ја поврза Азија со Европа во 2016 година, токму од Чонгчинг, денес користи вештачка интелегенција за контрола на температурата при транспорт преку екстремни климатски зони како што е возењето низ замрзнатиот Сибир.
Во индустрискиот сектор, Кина е дом на гиганти како Taiyuan Heavy Machinery, како и автомобилските брендови BYD и AITO – последниот производ на партнерство меѓу Huawei и производителот на луксузни електрични возила SERES. Во близина на градот Чонгчинг се наоѓа и мегафабрика на SERES каде целото производство на автомобили е комплетно автоматизирано и истата е поголема од таа на Tesla во Шангај, во која безбедноста е толку строга што фотографирањето и користењето смартфони е забрането. Новиот модел AITO M9 се управува речиси без човечка интервенција – возачот може да се опушти, додека автомобилот самостојно го следи патот.

AI револуцијата се одвива и во медиумите. Во градот Јунченг, уредниците користат вештачка интелегенција за создавање на текстови, видеа и дигитална анализа на интересите на читателите преку платформи како Weibo, WeChat и TikTok. Во новинарските канцеларии на државната агенција Xinhua во Пекинг, огромен екран од 30 метри доминира во редакцијата, каде AI го пишува сценариото, креира слики и дури ги продуцира виртуелните презентери – како alyona.nana, дигитална личност која стекна над 5 милиони следбеници и заработи милион долари на руските социјални мрежи.

Во познатиот Tsinghua универзитет – еден од најдобрите во светот – истражувањата во областа на новинарството и комуникациите покажуваат дека Кина, со 1,1 милијарда интернет-корисници, располага со најголемиот лингвистички пазар на светот. Тоа ѝ дава огромна база на податоци и колективна интелигенција за развој на домашни AI системи, како и за дигитална експанзија на своето културно влијание.
Кина веќе го менува својот пристап: наместо да го копира Западот, таа инвестира во сопствени технолошки платформи и културна продукција. Од холивудски имитации, се преминува кон филмови и серии инспирирани од кинеските класици и традиции, како “The Wandering Earth” и “Black Myth: Wukong”, со цел да ја зацврсти својата независност од западната културна хегемонија.

Културниот судир е веќе започнат, и ќе биде возбудливо да се следи дали кинескиот „soft power“ ќе стане рамноправен со американскиот. За сега, Пекинг сака да избегне „културна студена војна“, но битката за глобалното влијание – и во технологија, и во култура – е несомнено во тек.