Масовен руски напад врз украински регион – девет загинати, 30 повредени


Руско беспилотно летало удрило во автобус со работници во украинскиот град Марханец рано утринава, при што загинале најмалку девет лица во бранот напади чија цел била цивилната инфраструктура во источна, јужна и централна Украина, соопштија официјални лица.

Целосниот обем на нападот, кој ги држеше будни Киев и источната половина на Украина неколку часа во текот на ноќта, не беше веднаш познат.

„Нападнаа автобус со работници кои одеа на работа“
„Русите нападнаа автобус со вработени во компанијата кои одеа на работа во Марханец“, изјави на Телеграм Микола Лукашук, претседател на регионалниот совет на Днепропетровск.

Серхи Лисак, гувернер на регионот Днепропетровск, кој го опфаќа Марханец, во централна и јужна Украина, рече дека девет лица загинале, а најмалку 30 се повредени во нападот.

 

Напади на цивилна инфраструктура низ Украина
Украинската служба за итни случаи соопшти дека имало и напад врз областа Синелникевски во областа Днепропетровск, при што се повредени две лица и предизвикан пожар во земјоделско претпријатие.

Русија, исто така, изврши „масовен“ напад со беспилотно летало врз украинскиот централен регион Полтава, при што беа ранети најмалку шест лица, соопшти службите за итни случаи во објава на апликацијата за пораки Телеграм.

„Само цивилната инфраструктура на градот беше под непријателски напад“, објави службата за итни случаи на Телеграм.

Неколку пожари
Избувнале неколку пожари и оштетиле станбени згради, деловни објекти, магацини и гаражи, објавија службите за итни случаи, објавувајќи фотографии од пожарникарите кои се борат со пламените јазици ноќе.

Две лица се повредени во напад со беспилотно летало врз цивилна инфраструктура во предградијата на пристанишниот град Одеса на Црното Море, кој исто така предизвика неколку пожари, изјави на Телеграм Олех Кипер, гувернер на јужната област Одеса во Украина.

Големи пожари избувнаа и како резултат на напад на руски дрон врз вториот по големина град во Украина, Харков, изјави градоначалникот Ихор Терехов на Телеграм.

Русија молчи
Единиците за противвоздушна одбрана исто така беа ангажирани во одбивањето напади врз регионот на Киев, но нема извештаи за потенцијална штета.

Засега нема коментар од Русија за нападите.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека нејзините единици за противвоздушна одбрана во текот на ноќта уништиле 11 украински беспилотни летала над неколку руски региони и над Кримскиот Полуостров. Регионалните гувернери изјавија дека нема извештаи за непосредна штета.