Таткото на трагичното загинатата Фросина, Тодор Кулаков денеска пред Основниот суд Скопје порача дека како семејство се целосно исфрлени од судскиот случај. Според него, многу од законите во земјава се крајно нехумани, неодговорни и неправедни за тоа што, како што кажа, дури и ако ти убијат дете, родителите во она што значи главен случај, тие не се дел од предметот и немаат право да учествуваат. Зависат само од добрата болја на институциите.
Тој јавно се заблагодари на судијката што го води процесот против Васил Јованов, но рече дека според закон, родителите се само неми набљудувачи. Праша дали има нешто понечовечно и подушманско од ваквата легислатива на секој родител што изгубил дете или свој близок.
-Со закон, државата ни го одземе правото од Бога – секој родител да се бори, макар и за своето покојно чедо. Како може да нема револт? Како некој да помисли дека законите се добри? Доколку судијката Даниела Алексовска го осудеше Васо за трговија со дрога, тој ќе беше во затвор и денеска Фросинче ќе беше жива. Место Судскиот совет да ја обвини за директна одговорност за тоа што се служи со судски преседан, работи на тоа да го пушти Васо. Судијката го овозможи убиството на Фросина, оставајќи го Васо на слобода, а уште посрамно од СС ја бранат судијката, рече меѓу другото Тодор.
Тој додаде во целост го поддржува премиерот Христијан Мицкоски кој пред одредено време најави дека се можни протести доколку 5-те членови на Судскиот Совет не си поднесат оставки по постапката за интерпелацијата во Собранието.
-Ние со него рамо до рамо ќе излеземе и ќе протестираме за судијката Алексиоска да не биде повеќе судијка бидејќи она го овозможува убиството на Фросина, истакна Кулаков.
Јованов и претходно бил гонет поради недозволена трговија со дрога, но токму судијката Даниела Алексовска Стојановска не му го продолжила притворот туку донела пресуда дека тој треба да биде сместен во воспитно-поправен дом. По смртта на Кулакова јавноста бараше да се отвори предмет за да се утврди нејзина одговорност.