Предлог измените на Изборниот законик за воведување една изборна единица на 53. седница на Собрание
Предлогот за изменување и дополнување на Изборниот законик, по скратена постапка поднесен од претседателката и пратеничка на Либерално-демократска партија Моника Зајкова за воведување на една изборна единица, денеска е на дневен ред на 53. седница на Собранието.
-Воведување на една изборна единица – со цел да се постигне еднаква вредност на гласот на сите граѓани, без оглед на географската распределба; Воведување на преференцијално гласање – со цел да им се овозможи на избирачите поголемо влијание врз изборот на поединечни кандидати на изборните листи и да се зголеми одговорноста на избраните претставници; Поголема застапеност на помалите политички субјекти – преку правично претставување согласно реалната добиена поддршка на национално ниво; Јакнење на довербата во изборниот процес – преку транспарентност, правичност и зголемена отчетност на политичките актери; Унапредување на политичката инклузивност – преку создавање услови за подобра застапеност на жените, младите, лицата со попреченост и другите маргинализирани групи во законодавниот дом; Приближување кон меѓународните стандарди – преку имплементација на препораките на ОБСЕ/ОДИХР и усогласување со добрите европски практики за изборни системи, се наведува во образложението за измените на Предлог-законот објавен во веб-страна на Собрание.
Како што се наведува во образложението, предложените законски решенија ќе придонесат кон зголемена вклученост на граѓаните во изборниот процес, особено преку унапредување на можноста за учество на независни кандидати и граѓански иницијативи.
-Воведувањето фиксен праг од 1.000 потписи за поднесување листа во рамки на изборната единица, како и продолжувањето на рокот за собирање потписи на 30 дена, ќе ги намали административните пречки и ќе создаде поправични услови за сите учесници, независно од политичка или финансиска моќ. Со тоа се поттикнува политичкиот плурализам и се овозможува поширок опсег на избор за граѓаните. Воведувањето на пропорционален изборен модел со преференцијално гласање (т.н. отворени листи), во рамки на една изборна единица што ја опфаќа целата територија на Република Северна Македонија, има за цел да ја зајакне врската помеѓу избраните претставници и граѓаните. Со овој модел, граѓаните не гласаат само за политичка листа, туку и директно го определуваат редоследот на кандидатите со давање преференцијални гласови, што овозможува поголема персонализација на политичката одговорност. Истовремено, наизменичниот распоред на жени и мажи на листите и принципот на родов паритет ќе гарантираат правична застапеност на половите. Овие мерки заедно ќе придонесат за повисока демократичност, транспарентност и доверба во изборниот процес, се вели во Предлог-законот за изменување и дополнување на Изборниот законик.