Пијанистот Дино Имери првпат настапи пред виенската публика

Пијанистот Дино Имери првпат настапи пред виенската публика

пред 3 недели

Со бурни аплаузи и топол прием, македонскиот пијанист Дино Имери минатата недела одржа концерт во срцето на класичната музика – Виена.

На сцената на престижниот „Бехштајн Центрум“, Имери за првпат настапи пред виенската публика, изведувајќи го капиталното дело „Голдберг варијации“ од Јохан Себастијан Бах. Концертот беше проследен од бројни љубители на музиката, меѓу кои и истакнати уметници и музички професионалци.

Иако дебитант во овој реномиран културен простор, Имери беше дочекан со ентузијазам и искрено воодушевување, како да настапува пред своја матична публика. Публиката возврати со долготрајни аплаузи, а уметникот им се заблагодари со извонреден бис – виртуозна изведба на „Прелудиум и Пајдушка“ од македонскиот композитор Живоин Глишиќ.

Концертот, кој се одржа на 13 јуни, беше организиран од Амбасадата на Република Северна Македонија во Виена, со поддршка од Македонско-австрискиот бизнис клуб и компанијата SSB Infrastructure-Austria.

„Овој концерт го подготвував со огромна мотивација и љубов, знаејќи дека настапувам во градот на Моцарт, Бетовен, Брамс… Но не можев ни да претпоставам дека ќе бидам пречекан со толку топлина и искрени аплаузи. За мене, ова беше остварување на еден голем сон, резултат на долгогодишна посветеност и труд“, изјави Имери по концертот.

На отворањето, пред присутните се обрати македонскиот амбасадор во Виена, Освит Росоклија, кој го нарече Имери „бисер на македонската музичка култура“. Тој подвлече:

„Вечерва не само што сме овде за да го доживееме мајсторството на еден исклучителен уметник, туку и за да ја прославиме универзалната сила на музиката. Дино Имери е вистински амбасадор на нашата култура. Неговите настапи не се само концерти, туку емоционални патувања, музички приказни раскажани со исклучителна уметничка длабочина.“

Концертот на Имери во Виена веќе резултираше со нови покани за настапи во Австрија и други значајни европски и светски музички центри, потврдувајќи уште еднаш дека неговиот уметнички пат продолжува со сигурен и блескав интензитет.

Share