Фудбалерите на Башкими на прием кај кумановскиот градоначалник

Екипата на Башкими по пауза од осумнаесет години се врати во македонската фудбалска елита. Со победата во бараж-средбата со Беса во Кавадарци „зелено-црните“ обезбедија пласман во ПМФЛ, а по тој повод беа на гости кај градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски.

„Денес имав чест да бидам домаќин на претставници од ФК Башкими 1947 од Куманово, на кои им го честитав постигнатиот успех во оваа натпреварувачка сезона 2024/25 година, пласман во Првата македонска фудбалска лига.

Повод за пригодната средба, беше враќањето на оваа екипа во националната фудбалска елита, после осумнаесет години, на огромно задоволство на љубителите на спортот во Куманово.

Низ пријателски разговор беа истакнати достигнувањата и успешните настапи на клубот, кој опстојува повеќе децении на македонската фудбалска сцена, бројните трофеи и признанија, а беше нагласена и континуираната поддршка од Општина Куманово“, стои во објавата на кумановскиот градоначалник.

Покрај Башкими нови прволигаши се и Македонија ЃП и Арсими.