Мицкоски најавува борба со корупцијата со чисти раце
7 мај 2025Корупцијата и организираниот криминал немаат место во државата која сака да оди напред. Одлучни сме, како Влада, како институции, но пред сè како општество – дека оваа борба мора да се води со целосна посветеност, со вистински партнери и со чисти раце, порача премиерот Христијан Мицкоски на одбележувањето на Денот на македонската полиција – 7 Мај.
Мицкоски упати честитка до сите полициски припадници за нивната посветеност и храброст, додавајќи дека „имаше време кога институциите се користеа како алатка за лични и политички интереси, а не за правда“.
„Пораките ’ќе средиме’ и ’ќе се јавам’ беа погласни од законот. Во државата нема веќе место за врски, непотизам и заштита од одговорност. Законот важи за сите – без разлика дали се работи за обичен граѓанин, функционер или бизнисмен. Силата на државата не се мери со привилегиите на поединците, туку со тоа дали правдата стигнува до сите – и до најмоќните, и до најмаргинализираните. Нема компромис со криминалот“, дециден е Мицкоски.
Според него, „правдата може да биде бавна, но никогаш не треба да биде слепа". „Наша задача е да и ги отвориме очите – преку професионална, етичка и непоткуплива полиција. Полиција која ќе го гони криминалот, без оглед на тоа дали стои зад маска, позиција или пари“, рече Мицкоски, порачувајќи им на припадниците на полицијата дека нивната мисија е света – да го чуваат поредок, но и да вратат доверба кај народот.
„Кога правдата замолчува, неправдата станува гласна“, рекол еден мудар човек. Но, со вас – со вашата работа, посветеност и пожртвуваност – неправдата останува без простор. Таа се повлекува пред чесната, решителна и модерна полиција, вели Мицкоски.
Безбедноста како темел на секое општество
И премиерот и министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски се согласни дека да се биде полицаец не значи само носење униформа, туку и посветеност на заштитата на татковината.
Во обраќањето на свеченоста во Центарот за обука на МВР во Идризово, Тошковски ја потенцираше сложеноста на современиот безбедносен контекст и предизвиците со кои се соочува полицијата. „Современиот безбедносен контекст е сложен, се соочуваме со големи предизвици и нашата улога денеска е поодговорна од кога било“, рече тој, додавајќи дека МВР активно соработува со бројни европски и регионални партнери.
Осврнувајќи се на резултатите од работата на полицијата во изминатиот период, Тошковски вели дека МВР повеќе не е затворена институција,туку работи рамо до рамо со граѓаните.
„Безбедноста не е привилегија, таа е темел на секое здраво општество. Без неа нема ниту економија, ниту правда, ниту развој“, рече министерот на одбележувањето на Денот на македонската полиција.