Албанската метропола, Тирана, која е прогласена за европската престолнина на младите за 2022 година, беше домаќин на втората регионална конференција ReLOaD2 на тема „Западен Балкан – младински перспективи“.
На конференцијата организирана како дел од Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 2 (ReLOaD2), предвидена како можност младите да бидат дел од дискусијата заедно со своите врсници од целиот регион, како и да имаат директна интеракција со креаторите на политиките и претставниците на институциите, ичествваа 120 млади од Западен Балкан.
ReLOaD2 е регионална иницијатива која се спроведува во Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Црна Гора и Србија, а која работи на зајакнување на партнерствата помеѓу локалните власти и граѓанското општество, конкретно насочена кон зголемување на граѓанското и младинското учество во процесите на донесување одлуки.
Конференцијата ја отвори Бора Мужаќи, државен министер за млади и деца на Албанија, која ја нагласи важноста на моделот ЛОД што го користи Европската Унија за финансирање младински организации.
– Младите никогаш не биле повисоко на агендата на ЕУ, имајќи предвид дека 2022 година е Европска година на младите. Ова се однесува и на нашиот ангажман во Западен Балкан, каде Тирана беше прогласена за Европска престолнина на младите за 2022 година. Младите ќе продолжат да бидат во центарот на поддршката на ЕУ за регионот. Проектот ReLOaD2 е една од нашите клучни регионални иницијативи за поддршка на граѓанското општество, но исто така има и силен фокус на младите, рече Хилен Франке, раководител на Секторот за граѓанско општество, социјална инклузија и развој на човечкиот капитал во Европската комисија.
Додаде дека со овој проект успешно се промовира улогата на два клучни чинители за иднината на Западен Балкан и неговата европска перспектива – граѓанското општество и младите.
Беше заклучено дека вклученоста на младите на територијата на целиот Западен Балкан е на незадоволително ниво, но на настанот беа истакнати позитивни примери на ангажирање на младите, што покажува дека истрајноста и самостојниот развој се секогаш важни.
– Ова е приказна за млади луѓе кои сакаат да придонесат за иднината и се свесни дека можат да го сторат тоа само ако се слушне нивниот глас и ако се дел од процесите на донесување одлуки, рече Сунчица Коваќевиќ, младински активист.
– Мило ми е што младите Роми и Ромки сакаат да работат на своето формално и неформално образование и знаат дека само преку образованието можат да се борат против дискриминацијата и стереотипите, беше пораката на Анита Кајтази, активист за правата на Ромите и волонтер во ОН.
Инаку, регионална програма за локална демократија на Западен Балкан 2 ReLOaD2 обезбеди простор младите да разменат мислења за предизвиците и практиките поврзани со нивното учество во заедницата преку неколку панел дискусии и работилници.
Започнувајќи со уметничка игра на младинскиот ансамбл од Тирана и завршувајќи со насочен дијалог, младите ја пренесоа пораката дека имаат потреба почесто да бидат слушнати.
Претставниците на партнерските локални самоуправи и институции препознаа дека на младите понекогаш им недостасува мотивација и ентузијазам поради сложената ситуација во регионот, наведувајќи дека постојните младински политики и стратегии може да се спроведат само во синергија со младите.
Учесниците потенцираа дека конференцијата придонесе за подобро разбирање на институционалните практики, сличностите и разликите релевантни за младите на територијата на Западен Балкан. Се надеваме дека оваа конференција ќе создаде нови можности за партнерства и простор за развој поврзан со потребите на младите.