Фестивал за класичен балет и модерен танц во МНТ, во организација на Детскиот културен центар – Карпош
Од денеска до 12 јуни ќе се одржи Фестивалот за класичен балет и модерен танц во Македонскиот народен театар, во организација на Детскиот културен центар – Карпош.
Според директорката д-р Билјана Лалчевска Серафимовска, овој фестивал е единствен од ваков тип кај нас, кој е референтна точка за сите вљубеници во балетската уметност и современиот танц.
- Наградата за животно дело оваа година постхумно ќе биде доделена на Ѓорѓи Македонски, основоположникот на балетската уметност во нашата држава. Од оваа година организацискиот одбор на фестивалот едногласно одлучи наградата да биде именувана „Ѓорѓи Македонски“ и истата ќе и биде доделена на Рисима Рисимкин за авангарден претставник во современата танцова едукација и творештво, се посочува во соопштението од Детскиот културен центар - Карпош.
Во двете фестивалски вечери ќе се одржат и две работилници посветени на класичниот балет и модерниот танц.
Гости на двете фестивалски вечери ќе бидат балерините при ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј”, гости од Турција (Istanbul Junior Ballet) и Канада, учество ќе земе и Катедрата за Современ танц и Балетска педагогијa при УГД – Штип, балетско студио Балерина, солисти од Националната опера и балет и секако членовите на балетската секција од Детскиот културен центар – Карпош кои ќе го отворат петтото јубилејно издание на фестивалот.
Статуетките и оваа година се изработени специјално за Фестивалот за класичен балет и модерен танц од M Аrt Gallery, а како поддржувачи оваа година се и Mayo store, а учениците од СУГС „Димитар Влахов“ ќе се погрижат за шминка и фризура на дел од учесниците.
Фестивалот се организира со поддршка на Градот Скопје, како и Министерството за култура и туризам на РСМ.