Израел ги напаѓа генераторите за струја за да ги направи нефункционални болниците во Газа
- Министерството за здравство на Газа го обвини Израел дека намерно го прави тоа за да ги стави надвор од функција болниците на веќе уништената територија

АНКАРА (АА) - Министерството за здравство на Газа го обвини Израел дека намерно ги напаѓа генераторите за струја за да ги стави надвор од функција болниците на веќе уништената територија, јавува Анадолу.
Во соопштението на Министерството се вели дека израелските сили бомбардирале три генератори и резервоари со гориво во Индонезиската болница во северна Газа.
„Здравствената ситуација во северна Газа е катастрофална откако не функционира Индонезиската болница“, соопшти Министерството.
Израелската окупација има цел да ги уништи електромеханичките системи за да ги направи нефункционални повеќето болници, се додава во соопштението.
Министерството соопшти дека сите болници во Газа се соочуваат со сериозен недостиг на резервни делови и масла потребни за одржување на генераторите во функција.
„Болниците работат со ограничени резерви на гориво, што го загрозува континуираното обезбедување итна медицинска помош за ранетите и болните“, предупреди Министерството.
Министерството побара да се изврши притисок врз Израел да донесе електрични генератори и да ги зголеми резервите на гориво за да се помогне во давањето здравствени услуги во енклавата.
Според палестински извештаи и извештаи на ОН, откако го започна нападот врз Газа на 7 октомври 2023 година, израелската армија постојано ги напаѓа болниците, со што повеќето објекти се нефункционални.
Од 38 болници во Газа сè уште работат само 19, иако делумно, односно осум јавни и 11 приватни болници, соопшти Министерството за здравство на Газа. Покрај тоа, девет теренски болници обезбедуваат услуги за итни случаи за време на израелските напади.
Отфрлајќи ги меѓународните повици за прекин на огнот, израелската армија спроведува брутална офанзива во Газа од октомври 2023 година, при што се убиени речиси 53.600 Палестинци, повеќето жени и деца.
Минатиот ноември Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел, исто така, се соочува со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата поради својата војна во енклавата.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.