Македонските тениски репрезентативци порачаа: Да го искористиме домашниот терен за пласман во Втората група!

Македонската тениска федерација ќе биде домаќин на третата Европска група од Дејвис купот. Освен нашата репрезентација, во неа ќе се натпреваруваат Малта, Летонија, Молдавија, Ерменија и Црна Гора. 

Наш прв противник ќе бидат Малтежаните во вторник, а првиот меч е закажан во 10:30 часот. Според селекторот Горан Шевченко, добро е што Малта ќе биде прв ривал во групата. 

„Добро е што ќе стартуваме против Малта, а потоа следуваат мечевите со Црна Гора (среда), Молдавија (четврток), Ерменија (петок) и Латвија (сабота). На почетокот на секој меч се играат двата сингла, кај нас ќе бидат Калин и Берк. Тие двајцата добро играат и како двојка тоа го покажаа и на Macedonian Open. Секако важно за тимот ќе биде другите да придонесат за реултатите. Латвија, Црна Гора, Молдавија и Македонија ќе конкурираат за првите три места, но не треба да се потценат ниту Малта и Ерменија. Секој меч ќе биде важен“, изјави Шевченко.

Освен селекторот, кратко свој коментар даде и нашиот најсилен адут Калин Ивановски, кој кажа: 

„Среќни сме што повторно ќе играме на домашен терен, а ги повикувам гледачите да гледаат добар тенис и да ни дадат поддршка“.

Зборуваше и Берк Бугариќ кој призна дека секогаш е среќен да игра за Македонија. 

„Најдоброто за секој тенисер е кога има можност да ја претставува својата држава. Со нетрпение го очекуваме почетокот на мечевите и сметам дека ќе ја минеме групата и ќе влеземе во Втората Светска група“, посочи Бугариќ. 

Краток коментар за она што следува дадоа и најискусниот Стефан Мицов, како и Амар Хусеиновиќ и дебитантот Кристијан Јанев. 

„Со настапот дома имаме добри шанси, но она што е поважно е дека има добра енергија во тимот за да постигнеме добри резултати“, изјави Мицов. 

„Извонредно е чувството да се настапува во Македонија. Сметам дека сме добро подготвени и дека можеме да се пласираме во Втората група“, смета Хусеиновиќ. 

„Ова за мене е прв настап во сениорскиот тим. Добро сме подготвени имаме и потенцијал за Втора група, воедно ги повикувам сите да дојдат да не гледаат“, прокоментира најмладиот во нашиот тим.

Целта на Македонија е добар старт, а потоа и пласман меѓу првите три селекции во групата со што би се изборил пласман во втората Светска група.