Галеријата „Метаноја“ вечерва ќе биде домаќин на изложбата „Агапе“ од Горјан Ѓорѓиев. Според д-р Коста Милков, делата на Ѓорѓиев претставуваат спој на стилски и тактилни елементи, со бои кои се однесуваат како „Филозофскиот камен“—симболички елемент што обичните метали ги претвора во благородни и за кој се смета дека носи лековити и долготрајни својства. Во христијански контекст, „Филозофскиот камен“ е алегорија за „агапе“.
Ѓорѓиев се истакнува со уникатност во својот уметнички израз, каде неговиот „потпис“ како сликар е целосно својствен. Тој оваа автентичност ја постигнува преку комбинација на различни уметнички стилови, вклучувајќи елементи од византиската иконографија, наивниот стил, и до експресионистички, надреалистички и неоекспресионистички пристапи. Сите овие инспирации и влијанија Горјан вешто ги вткајува во своите дела, давајќи им нова димензија и преосмислувајќи ги. Резултатот е автентично уметничко дело каде се обединуваат разновидни традиции, создавајќи единствено уметничко искуство кое е далеку повредно од збирот на неговите поединечни влијанија.
Роден во 1965 година во Скопје, Горјан Ѓорѓиев е значаен уметник со впечатлива кариера, која вклучува бројни самостојни и групни изложби како во Македонија, така и надвор од неа. Со постојано присуство на уметничката сцена, Ѓорѓиев го утврдува своето значење како еден од современите македонски уметници.
The post Изложбата „Агапе“ на Горјан Ѓорѓиев отворена во галеријата „Метаноја“ appeared first on 365.mk.