Во минатиот текст, Елизабета Линднер ни зборуваше за СловоКулт. Приказната продолжува со интересен „инсајдерски“ увид во различните предизвици со професионалниот ангажман во културата и уметноста.
Лавиринтите на бирократијата
Бирократијата за жал ги попречува најдобрите проекти, бидејќи како што е познато, тие ги прават уметници, а не чиновници, затоа треба да се апелира до институциите, да се поедностави овој застарен бирократски систем на аплицирање и евалуирање на проекти – професионалците во жири комисијата сигурно ќе знаат да одлучат кои проекти имаат вистинска и важна културна, уметничка и професионална вредност.
Наместо да се подобрат условите, тие се влошуваат, а овие бирократски сопки секако дека се одразуваат и на целокупната култура, бидејќи наместо проекти од уметници, имаме повеќе проекти од чиновници.
Времето потрошено на апликации е драгоцено време, а ако не се добие поддршка, тоа е уште поголем пораз за проектите, што се надевам нема да го искусуваме често, бидејќи СловоКулт има и свое мото: Помалку е повеќе или Квалитет наместо квантитет, со што потенцираме дека работиме малку проекти, но тие имаат висока книжевна, уметничка и културна вредност.

Тимот на СловоКулт
Јас зборувам во множина, се разбира, бидејќи јас сама се грижам за голем дел од содржините и активностите, меѓутоа во никој случај не би можела сама да ги остварам сите проекти на СловоКулт.
За уметничкиот дел од содржините и настаните веќе ја спомнав Дијана Томиќ Радевска, преку неа СловоКулт имаше можност да претстави извонредни ликовни уметници од Македонија.
Сега оваа улога ќе ја преземе Сали Ертунч и се надевам дека ќе успееме да најдеме средства за поддршка, за конечно да можеме да продолжиме да работиме поредовно и поинтензивно.

Изданијата на СловоКулт
Од огромна важност е соработката со Марија Стојанова и Арт Еквилибриум, преку која успешно добивме поддршка за онлајн списанието, а можевме и да реализираме две изданија на биеналето и да започнеме нови проекти, како на пример книжевната едиција СловоКулт :: Словотека / во која презентираме поети и поетеси на два-три јазика и поетски антологии.
Во овие изданија ослободуваме простор за уметнички дела, кои се надополнуваат со текстот, носат визуелност како оддишка од текстот, а сепак не се класични илустрации.
Досега имаме четири изданија од 2020, три авторски (1. македонски превод на Р.М. Рилке со дела од К. Салентин, Д. Томиќ Радевска и три детали од мои дела; 2. тријазична збирка поезија од Краус со дела од Ирена Паскали и 3. мојата двојазична збирка поезија со неколку мои ликовни дела, кои и самите се поврзани со текст) и досега една антологија – на современа грчка поезија на три јазика (македонски од Томислав Османли).

Културата/уметноста како борба со ветерници?
За 2022 веќе е во подготовка петтото двојазично издание од австриската поетеса Софи Рајер со ликовни дела од Иван Ивановски. Ова издание доби одлична поддршка од врвни германски институции и од министерството за култура, а тоа е големо признание за мојата и нашата квалитетна работа.
Тоа ми дава мотивација да продолжам, но морам да признаам дека многу често губам и волја и мотивација. Мејнстримот не им дозволува на вакви уметнички проекти да се пробијат во јавноста и да дојдат до потенцијална публика, пазарот диктира нешто поинакво, за што јас поопширно зборувам во моите критички текстови.
Проблематиката не е ниту нова, ниту пак се чини дека наскоро нешто ќе се промени. Ние сепак имаме успешни проекти, а тоа е она што мотивира.
На 01.07.22 ќе имаме презентација во врвната книжевна институција Литературен колоквиум Берлин (Literarisches Colloquium Berlin, LCB) каде со по 15 минутна програма ќе се презентираат избрани припадници на берлинската книжевна сцена. СловоКулт е еден од тие 21, а за мене е тоа ОГРОМЕН успех. Имаме петнаесет минути да ги презентираме нашите активности, па кај и да е, ќе морам да почнам со подготовки на тој важен настап.

Откорнатост од дома, нови корени во Германија
Веќе забележавте, СловоКулт сепак најмногу зависи од мене, а јас ја жртвувам и својата уметничка и писателска дејност, за да му се посветам и да го одржам во живот, но сепак веќе доаѓа време кога чувствувам дека сакам повеќе да им се посветам на своите дела.
Долги години ги држам своите текстови во позадина, бидејќи заради околностите (миграција) книжевната кариера ја започнав со книжевен превод, што беше важно и за стекнување углед и заради мојата егзистенција, но се разбира дека моите текстови никогаш не секнаа.
Сепак, како што сведочат и бројни написи и искуства, двојазичните поети и писатели (со припадност на две култури) им е потешко да се пробијат, бидејќи се најчесто долго време само игнорирани аутсајдери во две култури.
Елизабета Линднер, уредник, автор, аутсајдер
Јас освен аутсајдерка сум и дипломиран германист и веќе 21 година во Германија, а од 2005 и магистер по германска книжевност, а од 2007 пишувам на двата јазика и си ги преведувам своите текстови од еден на друг јазик. Веќе имам објавено текстови на германски во списанија и антологии, бидејќи веројатно сепак е малку поедноставно да се делува од местото на живеење. Сепак сфаќам дека исто како за СловоКулт, така и за моите дела ќе биде потребен голем напор за да се пробие мејнстримот и да се дојде до публика.
По двојазичната збирка поезија „Двоински на гости кај бескрајната провалија“ која излезе баш за време на корона и не успеавме соодветно да ја промовираме, заедно со другите изданија од едицијата, веќе подготвувам збирка раскази на македонски, за која се надевам ќе добиеме поддршка и ќе можеме во 2023 да ја објавиме со македонската издавачка куќа Антолог.
Ќе бидат застапени раскази напишани од 1994-2019 година, некои се оригинал на македонски, некои се преведени и преработени на германски, некои се во оригинал напишани на германски – така да ќе треба да се преведат на македонски – а последниот расказ ќе биде сосема нов и на македонски. Слична збирка планирам и на германски.
Во 2021 за првпат добив стипендија за пишување мое дело на германски – од Акдемијата на уметностите во Берлин, за што неизмерно се радувам, бидејќи овие финансиски поддршки се сепак еден доказ за квалитет, како и моите бројни стипендии и награди за превод.
Делото е циклус песни или долга поема на делови, која е базирана на дело од Витгенштајн и во насловот носи негов израз – Sprachspiele auf Schachspielbrett, на која уште работам и која сакам наскоро да ја понудам на неколку помали но многу интересни германски и австриски издавачи.
Се надевам дека ќе биде преводлива на македонски – бидејќи една моја карактеристика како двојазична поетеса и лингвистка е да си играм со јазикот и текстот и да го доведам до непреводливост, – а како професионална преведувачка, сепак секогаш да најдам начин тој да биде преводлив. Се разбира дека има разлика меѓу преведувањето свои и туѓи дела, одговорноста е поинаква.

Текстуалност, (с)ликовност, перформативност
Паралелно со тоа работам на своите експериментални и ликовни дела што содржат и текст, и кои излегуваат од таа дводимензионална пасивна форма, зашто ги презентирам преку повеќејазични мултимедијални поетски перформанси (текст/ликовно дело/видео и звук), кои, како што напоменав, беа инспирација и за концептот на фестивалот, со таа разлика што таму имаме спој на повеќе уметници – автор кој чита избрани текстови и паралелно читање барем еден превод на истите, а во позадина на големо платно имаме избрани уметнички дела аранжирани во видео на проекција (и англиски превод) и импровизиран звук во живо – склоп во кој настанува ново повеќејазично и мултимедијално уметничко дело.
Јас во моите перформанси имам мои ликовни и текстови, но користам „ready made music“ од музичари што ми значат, па и познати бендови како Xmal Deutschland, Laibach кои и официјално ми ги дадоа и правата да ја користам нивната музика, бидејќи не се работи за комерцијални перформанси. А сега за еден нов перформанс работам и директно со еден берлински звуковен уметник.
Имам чувство дека сите напори до сега не беа сосема залудни, но ентузијазмот и мотивацијата варирааат…
Страдање за уметноста
Се надевам дека ќе допреме до тие што сакаат да бидат допрени од овој вид на уметност, – а дека ќе оставиме трага во целокупната германска и македонска уметност и култура не се сомневам: прогресивни и авангардни проекти како нашите ќе се слават во некоја блиска или далечна иднина, – а мене ми преостанува да се надевам дека во 21 век јас сепак нема да завршам во беда и сиромаштија како повеќето кои се бореле и залагале за поинаква и посмела уметност и поезија и кои јасно и гласно ја искажувале својата критика. Некој, па барем и многу мал напредок, сепак мора да има.