Владината портпаролка Марија Митева денеска во целост ги демантира обвинувањата на СДСМ дека МВР набавува сомнителен софтвер за прислушување. Како што истакна, се што било изнесено на прес-конференцијата на СДСМ е ноторна лага.
Прес-конференцијата ја одржа потпретседателот на СДСМ Методија Илиевски кој рече дека ВМРО-ДПМНЕ повторно се враќа на старите патеки и воспоставува режимски практики на контрола преку заплашување и прислушкување новинари, активисти и неистомисленици, а на почетокот на мај годинава МВР потпишало Договор за набавка на софтвер кој се користи за прислушување и шпионажа на телефонските уреди.
-Во целост ја демантирам прес-конференцијата на СДСМ и се што е изнесено на неа е ноторна лага. СДСМ е политичката партија која во време на власта го набави тој софтвер за форензика и точно знае дека софтверот не може да функционира без лиценци. Тие лиценци на годишно ниво секогаш се набавуваат зашто таа опрема е наменета за дигитална форензика. Овој договор што го спомнуваат е рамковна спогодба за три години за набавка на лиценците и ништо повеќе од тоа. Замислете, набавуваат опрема во нивно време, денеска излегуваат на прес-конференција и лиферуваат лаги. Мислам дека владее тотална безидејност во СДСМ, истакна Митева, одговорајќи на новинарски прашања во Владата.