Луис Енрике со сериозни критики: Ова е под нивото на сериозен фудбал...

Тренерот на Пари Сен Жермен, Луис Енрике, остро ја критикуваше организацијата на Светското клупско првенство што се одржува во САД.

Иако неговиот тим со победата над Сиетл Саундерс (2-0) обезбеди пласман во осминафиналето, стратегот на актуелниот европски првак не беше задоволен од условите на турнирот, особено од квалитетот на терените.

„Сакам да нагласам дека, и покрај победата, состојбата на терените е под секое ниво за одигрување сериозен фудбал. Тревниците тука се далеку зад оние во Европа. Топката отскокнува како зајак. Сега игравме на терен кој претходно бил вештачки, а сега е природен, што значи дека мора рачно да се наводнува и се суши за десет минути. Ова не е изговор, туку реален проблем.

На вакви терени не можеме да играме на нивото што го посакуваме. ФИФА мора да обрне внимание – не само на стадионите, туку и на терените за тренинг. Не можам да замислам НБА терен со дупки, а ние овде играме на подлоги каде што топката се однесува повеќе како зајак отколку како топка. Ако сме принудени толку многу да критикуваме, тогаш очигледно е дека нешто мора да се промени“, изјави Енрике.

Во осминафиналето ПСЖ ќе се соочи со Интер Мајами, тим предводен од поранешниот ас на „светците“, Лионел Меси.