ЦУК: 1.894 повици на 112 во последното деноноќие, апел за внимателност при прошетките во природа

Објавено на 2 февруари, 2024 во 09:32

Центарот за управување со кризи информира дека во последното деноноќие имало вкупно 1.894 повици на Единствениот број за итни случаи 112, од коишто „реални“ повици биле 27,88%, а 72,12% биле за други потреби на граѓаните што не биле итни.

-Кон Полиција биле упатени 50,99%, кон Итната медицинска помош 36,76%, а кон пожарникарите 6,72% од реалните повици кон 112 во ЦУК. Збирот повици што биле за комбинирано решавање од „реалните“ повици во ЦУК, 5,53% со другите 72,12% што се именувани како „неитни повици“, биле вкупно 1.380 на број и биле предмет на примање, селективна обработка во ЦУК, а и на директно координирање за нивно решавање со други институции од Системот за управување со кризи, согласно природата на пријавените итни случаи, додаваат од ЦУК.

Пожари на шуми и вегетација на отворено, според извештаите на Регионалните центри за управување со кризи во државата се уште има, така што и во последното деноноќие имало над десетина пријавени за запалена нискостеблеста шума и друга вегетација, а пожарникарите гаснеле и отпадоци, ѓубришта и запалени контејнери на отворено на територијата на државата.

-За претстојниот викенд, ЦУК апелира за да не се палат стрништа, шума и друга вегетација, а и отпадоци, ѓубришта и контејнери на отворено, бидејќи тоа го намалува квалитетот на амбиенталниот воздух и граѓаните да ги почитуваат препораките на пожарникарите преку медиумите за превенција од пожари, апелираат од ЦУК.

ЦУК потсетува и за внимателност при прошетките во нашата прекрасна природа, на повисоките места и планините во нашата држава, бидејќи при зимски услови на места со снег и мраз е лизгаво, особено на осоите на почетокот и на крајот од денот. Итните случаи се пријавуваат на Единствениот повикувачки број 112 во ЦУК.

Дума.мк

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.