ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
05.05.2022
Марија Велинова ќе не претставува на Олимпијада по Филозофија

Средношколката Марија Велинова од Штип е 4 година во Гимназијата “Славчо Стојменски”, а неодамна, по низа регионални и државни натпревари се стекна  со квалификациja да нѐ претставува и на Олимпијадата по Филозофија во Лисабон, Португалија.

Подетално за љубовта кон филозофијата и убавината на оваа дисциплина, Марија зборува за Гоце.мк.

Во текот на целиот мој живот ме интересирале областите или сега конкретно предметите каде се има поголема слобода да се протолкуваат работите на свој начин. Оваа година се запознав со Филозофијата и увидов дека е коренот на сите нешта и збир од сите големи умови од историјата на човештвото. А мотив за работа несомнено добив од мојот ментор кој ни ја пренесе љубовта за филозофијата”, вели Марија.

Уметност и филозофија – неразделни

За изборот на Олимпијадата по Филозофија, задача на пријавените било да се напише есеј на англиски јазик. Марија сакала да ја продлабочи врската помеѓу уметноста и светот , па ја избрала темата “Аrt is not a copy of the real world. One of the damn things is enough”. Таа делумно се сложува дека уметноста не е копија, но за опстанок се неопходни и двете нешта.

И во уметноста и филизофијата можеш да го изложиш својот светоглед и обете ти ја даваат потребната слобода, никогаш не постојат правила, вистинити или лажни мислења, докажани факти. Низ историјата на филозофијата се наоѓаат безброј естетски учења кои се обидуваат да ја определат уметноста и на тој начин се испреплетуваат меѓусебе. Според мене, уметниците се филозофи и филозофите уметници. Едни сметаат дека универзумот произведува музика, како Питагора, а други прибегнуваат кон неа за ослободување од секојдневната мака, како Шопенхауер”, вели Марија.

Марија Велинова

Филозофијата е насекаде околу нас, само треба да знаеш да ја пронајдеш суштината

Кон филозофијата можеш да пристапиш на уникатен начин, најважно е објективно да се гледа секое филозофско учење, бидејќи секоја теорија може да биде и побиена и поддржана. Филозофијата учи како да размислуваш, да зборуваш, да аргументираш, да можеш мислите да ги преточиш во искази кои не ќе можат да бидат побиени. Еднаш кога ќе навлезете во нејзините води, ќе правите аналoгија помеѓу филозофијата и многу нешта околу вас.

Олимпијадата по Филозофија е предвидена да се одржи на 26 до 29 мај, каде во период од три дена учесниците ќе треба да се докажат во најдобро светло.

“Во текот на тие три дена, освен натпреварувањето, се следат филозофски излагања на едни од највисоко истакнатите филозофи од нашата ера. Сѐ уште не можам да ги склопам чувствата во една реченица и да кажам што очекувам, бидејќи ќе биде многу повеќе од само пишување на есеј. Овде станува збор и за нови познанства, пред сѐ на луѓе со длабоко развиена интелектуалност, почнувајќи од останатите натпреварувачи, па се до професорите кои ќе нѐ надгледуваат и филозофите кои ќе дадат свое видување на овогодинешната тема “Личност и идентитет”. Сигурна сум дека ова ќе биде големо доживување и ќе има многу импресии кои ќе треба да ги впијам во текот на тие три дена. Накратко, возбудена сум за она што претстои!”, вели Марија.

Помалку дипломирани студенти во 2024 година: Што покажуваат бројките?
30 училишта под клуч за пет години, образованието „изгубило“ 5.431 основец