Флик емотивен како никогаш: „Пресреќен сум во Барселона, сите се љубезни, ги живеам најубавите моменти во животот!“

Барселона во исклучително драматично „Ел Класико“ славеше против Реал Мадрид и дојде до трофејот во Копа дел реј.

По натпреварот, играчите на Реал Мадрид воопшто не беа задоволни и решија да го истурат својот бес врз судиите. Како резултат на тоа, имаше дури три црвени картони на самиот крај од натпреварот, кои ги заработија Рудигер, Васкез и Белингам.

По натпреварот тренерот на Барселона, Ханси Флик беше искрен како никогаш досега.

„Многу сум горд на овој тим. За мене е неверојатно како секогаш успеваат да најдат решение на теренот, како се борат за сè. Многу, многу сум горд на нив“ – започна Флик и дополни:

„Пресреќен сум за навивачите, за нашиот тим, за тренерскиот штаб и за сите. И секако, за клубот. Беше навистина неверојатно. Тие го заслужија ова и многу сум среќен. Вечерва беше одличен момент, иако второто полувреме не беше баш најдобро. На крајот, ја имавме поддршката од нашите навивачи тука. Во продолжението, тимот спречи две шанси на Реал Мадрид, а ние го постигнавме победничкиот гол. Беше навистина неверојатно“.

Флик вели дека ги живее најсреќните моменти во својот живот.

„Често го кажувам ова, од почетокот на сезоната: јас сум тука, со мојот тим, за да создадам позитивна атмосфера во клубот и во соблекувалната, за да можат играчите да уживаат, да го сакаат фудбалот, да играат со радост и да го покажат своето највисоко можно ниво. Многу ми е важно да имам таква атмосфера во соблекувалната, играчите да ја чувствуваат нашата поддршка, да знаат дека веруваме во нив, дека имаме доверба во нив и дека ќе одиме заедно до крајот на сезоната. Кога видов како успеаја повторно да го променат резултатот, беше прекрасно да се гледа од клупата. Секогаш размислувам позитивно, а тоа беше случај и денес. Мислам дека заслуживме да победиме, сè помина добро и Кунде одлично ја заврши работата. Беше совршена вечер. Кога прифаќате ваква работа, секогаш мора да размислувате позитивно. Бев многу изненаден колку беа сите љубезни и колку убаво ме пречекаа. Од првиот ден се чувствувам многу среќен што сум тука во Барселона и во овој клуб“ – рече Германецот.

Барселона ќе се бори на уште два фронта до крајот на сезоната. Во шпанското првенство, тие се на првото место со четири бода предност на пет кола до крајот. Во Лигата на шампионите, ќе се соочат со Интер во полуфиналето, а првиот натпревар ќе се игра за три дена во Шпанија.

Се вчитува...