Спорт
Десет најпотценети играчи во историјата – Мајкл Лаудруп е на врвот на листата

Данскиот фудбалер Михаел Лаудруп е најпотценетиот фудбалер во историјата, објави познатиот светски магазин „Give me sport“, а на Топ 10 листата во оваа необична категорија се најде и легендата на Црвена звезда, Роберт Просинечки.
Поранешниот фудбалер, а потоа и тренер на клубот од стадионот „Рајко Митиќ“ е на петтата позиција, зад него се Франк Рибери, Серхио Бускетс, Георге Хаџи, Мајкл Керик и Руди Фелер, а меѓу него и легендарниот Данец се Дани Карвахал, Џордан Хендерсон и Томас Милер.
Во описот на Просинечки стои дека со Црвена звезда бил европски првак во 1991 година и дека станал светски шампион со младинската репрезентација на Југославија во 1987 година во Чиле, но дека во дресовите на Реал Мадрид и Барселона не успеал да покаже колку е фантастичен играч. Исто така, се наведува дека тој бил еден од клучните играчи во хрватскиот тим кој успеал да го освои бронзениот медал на Светското првенство во Франција во 1998 година.
За Лаудруп се вели дека е најдобриот дански фудбалер на сите времиња, но тој често не ја добива почитта што ја заслужува. Се наведува дека тој бил прва ѕвезда на репрезентацијата, но и на Барселона, по што се преселил во Реал Мадрид, а како илустрација за неговиот квалитет се истакнуваат зборовите на легендарниот Франц Бекенбауер:
„Пеле беше најдобриот играч на светот во 1960-тите, во 1970-тите доминираше Јохан Кројф, во 1980-тите доминираше Марадона, а во 1990-тите тоа беше Ладуруп“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Крај на неверојатната серија на Меси – сурово будење за Интер Мајами

Фудбалерите на Интер Мајами синоќа беа поразени од Синсинати со 3:0, со што заврши импресивниот голгетерски низ на Лионел Меси.
Аргентинецот на пет последователни натпревари постигнуваше по два гола, но Синсинати стави крај на таа серија…
Една од најдобрите екипи во лигата одржа вистинска лекција на тимот од Флорида и се зацврсти на второто место на Источната конференција во МЛС лигата, само еден бод зад Филаделфија Јунион.
Меси имаше четири шанси за гол, но ниту една не ја реализираше. Сепак, останува на делба на првото место на листата на стрелци со 16 голови на 17 натпревари – ист број голови има и Сем Сариџ од Нешвил, но на 21 натпревар.
Интер Мајами има и три натпревари помалку од останатите конкуренти (поради настап на Светското клупско првенство), што му дава шанса да се вмеша во борбата за врвот.
Стрелци за Синсинати беа Херардо Валенсуела во 16. минута и Евандер во 50. и 70. минута.
Интересно е што натпреварот против Синсинати се одигра токму на годишнината од доаѓањето на Меси во САД – историски момент за фудбалот во Америка кој се случи пред две години.
Еден од сопствениците на Интер Мајами, славниот Дејвид Бекам, тогаш свечено го претстави Аргентинецот пред навивачите на стадионот во Флорида и симболично ја отвори новата ера на „сокерот“ во САД.
Денес е познато дека Меси директно придонесе вредноста на франшизата за која настапува да се зголеми за 263%, клубот ја зголеми својата база следбеници на социјалните мрежи за 30 милиони откако пристигна Аргентинецот, а сите сезонски билети – и за минатата и за актуелната сезона – беа распродадени пред почетокот на МЛС лигата.
Меси досега има постигнато 56 голови на 67 одиграни натпревари.
Спорт
Лејкерси сакаат да ги спојат Дончиќ и Јокиќ: план што ќе промени сè од корен

Лука Дончиќ наскоро во Лос Анџелес Лејкерс би можел да добие засилување од соништата, а воедно и добар пријател – Никола Јокиќ.
Роб Пелинка, генералниот менаџер на Лејкерси, ја направи најдобрата размена на 21 век кога го испрати Ентони Дејвис во Далас и го донесе Дончиќ во „градот на ангелите“.
Сега тој има исклучително амбициозен план да ги направи Лејкерси нова сила.
Имено, како што пренесе Ентони Ирвин од порталот „Clutch Points“ кој тврди дека е добро информиран за случувањата во Лејкерси, на Дончиќ би можел да му се придружи Јокиќ во Лос Анџелес или (барем) Јанис Адетокумбo следното лето.
Идејата е Лука прво да потпише нов договор, веднаш по враќањето од Евробаскетот, а потоа да создаде простор за бомбастична аквизиција.
Во буџетот, тој простор би се отворил со заминувањето на Леброн Џејмс, кој би можел да ја промени средината и можеби дури и да се врати во Кливленд, за што се шпекулираше ова лето. Можеби дури и да ја заврши кариерата…
Јокиќ е под договор со Денвер до 2027 година, па би морал да трејдува, но ако не потпише нов договор, би можел да изврши притисок врз Денвер да ја промени средината.
Малку е пореално ако се појави Јанис Адетокумбo, но нема сомнение дека Јокиќ е првата цел.
Спорт
Русија нема право на настап на Олимписките игри, но сака да биде домаќин

Рускиот министер за спорт и претседател на Рускиот олимписки комитет, Михаил Дегтјарев, изјави дека Русија е подготвена да организира трети Олимписки игри. Во интервју за ТАСС најави дека Москва повторно ќе поднесе кандидатури за организација на летните и зимските Олимписки игри.
Тој нагласи дека Русија веќе двапати покажала дека може да организира натпревари „на највисоко ниво“. Според него, земјата наскоро ќе ги обнови односите со Меѓународниот олимписки комитет (МОК), потенцирајќи го руското гостопримство и развиената инфраструктура.
„Луѓето сѐ уште се сеќаваат на Светското првенство во фудбал во Русија. Се сеќаваат колку Русија беше гостопримлива, како луѓето се забавуваа и навиваа во Москва, Екатеринбург, Казањ, Волгоград, Калининград и други градови“, рече Дегтјарев.
Според него, олимпиското движење треба да ги обединува луѓето и не треба да постојат никакви бојкоти.
„Во 1980 година нам ни објавија бојкот, а подоцна и ние бојкотиравме. Сето тоа беше погрешно, исто како што е погрешна и денешната дискриминација врз нашите спортисти врз основа на националност. Тоа треба да престане“, додаде тој.
Претходно беше објавено дека руските гимнастичари и судии се враќаат на меѓународните натпреварувања, но ќе настапуваат под неутрален статус.
Руските спортисти во моментов немаат право да настапуваат на Олимписките игри под името, знамето или химната на Русија поради санкциите воведени по инвазијата врз Украина. Сепак, во ограничен број и под строги услови, одредени руски спортисти може да се натпреваруваат како „Индивидуални неутрални спортисти“, како што беше случајот на Игрите во Париз минатата година.
За да добијат дозвола за учество, не смеат да имаат никаква поврзаност со руската војска или безбедносни служби, не смеат јавно да ја поддржуваат руската агресија врз Украина и мора да поминат процес на проверка од страна на МОК.
Олимписките игри во Русија досега се одржале двапати: летните во Москва во 1980 година и зимските во Сочи во 2014 година.
Фото: ЕПА