Директорот на Геријатрија барал 100.000 евра мито – предложил пациентот да го продаде станот!
Директорот на болницата за Геријатриска и палијативна медицина во Скопје - Мухсин Арифи барал 100 000 евра - за да смести тешко болен пациент во установата која ја води. Јавното обвинителство веќе започна истражна постапка за директорот. Тој се сомничи за кривично дело примање поткуп. Кривично се гони и уште едно лице, кое на Арифи му помагал да го прими митото.
Од 19 минатиот месец па се до вчера - двајцата осомничени кроеле план како да стекнат значителна корист - злоупотребувајќи ја Геријатрија.
Поткупот го барале од сведок во целата постапка - кој воедно бил давател на доживотна издршка за лице, кое било тешко болно и за него било побарано сместување на Геријатрија.
Пациентот бил ставен на листа на чекање, но сведокот по неколку дена добил повик за средба - на која се договарал износот на митото
ОЈО: „На средбата, првоосомничениот лично кажал дека знае оти пациентот е материјално добро ситуиран, за што имал податоци и за недвижниот имот кој го поседува, па ветил помош за сместување ако биде награден со 100.000 евра. Жената-сведок реагирала дека тоа се многу пари, на што директорот предложил до бараната сума да се дојде преку продажба на недвижниот имот – стан кој го поседувал пациентот, што не било опција бидејќи станот бил опфатен со договор за доживотна издршка“, соопштија од ОЈО
Но, осомничените не се откажале од бараниот износ. Организирале уште една средба со сведокот.
Конечно паднал договор. Сведокот да даде 20 000 евра како гаранција лицето да биде сместен на Геријатрија. Но, ако се утврди дека пациентот имал недвижен имот - истиот да се продаде за да се обезбеди бараното мито од 100 000 евра.
Двајцата осомничени вчера беа откриено. Сведокот се сретнала со второосомничениот кој влегол во нејзиното возило и во име на директорот примил износ од 20.000 евра, по што на лице место бил фатен од страна на полициските службеници.
Во здравствена установа со која раководи Арифи се примаат возрасни пациенти во најтешка здравствена состојба. За хоспитализрање има голема листа на чекање, а бројот на кревети е ограничен.
Директорот доаѓа од редовите на Алијансата за Албанците од крилото на Таравари. Оттаму ги повикуваа државни органи брзо и ефикасно да постапат, а секој ако се огрешил пред законот да одговара.
Арифи беше назначен за в.д. директор на Геријатрија во јули минатата година од министерот за здравство Таравари. Претходно беше и директор на психијатриската болница во Бардовци.