Ова било повод, како што стои во соопштението, РКЕ да иницира состанок, на кој косовскиот регулатор пред македонските снабдувачи и трговци ги презентирал чекорите како полесно да пристапат на пазарот кај нив.
„Откако ги презедовме сите неопходни активности како регулатори и извршивме взаемно признавање на лиценците за снабдување и трговија, сега сакаме компаниите да ги мотивираме да ја искористат оваа можност. Поголем пазар, носи поголема конкуренција, а бенефитот е пониски цени за електрична енергија. Сега за помалку од еден месец, односно од 1 јуни ќе бидат на располагање дополнителни 500 GWh со кои ќе може да се тргува на слободниот пазар на Косово и ова е одлична бизнис можност за нашите снабдувачи и трговци“, посочил Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.
Претседателот на косовскиот регулатор – Канцеларија на енергетскиот регулатор од Република Косово (ЕРО), Имер Фејзулаху им посакал добредојде на македонските снабдувачи истакнувајќи дека тие имаат повеќе искуство со оглед на тоа дека македонскиот пазар е одамна либерализиран.
„Ова е само меѓучекор кон приклучување кон единствениот пазар кој го бара од нас Европската Унија. Во прилог на сите ни е да има намалени административни бариери, а да се зголеми конкуренцијата“, изјавил Имер Фејзулаху од ЕРО – Канцеларија на енергетскиот регулатор од Република Косово (Energy Regulatory Office), се вели во соопштението.
Со цел да се зголеми конкурентноста на пазарите во двете држави РКЕ и ЕРО во 2023 година потпишаа Меморандум за соработка, со кој взаемно се признаваат лиценците за снабдување и тргување со електрична енергија.