Пет месеци по исчезнувањето: Миле Тодоров наводно забележан кај планината „Серта“, кога му довикале отишол во шумата


Марија Атанасовиќ, сестра на исчезнатиот Миле Тодоров по кого се трага речиси пет месеци, алармираше дека тој бил забележан како се движи по планината „Серта“, но очевидецот, не успеал да го запре. За ова, пријава добила и полицијата која постапила. Атанасиевиќ, посочува дека ликот на Миле бил видоизменет, односно дека имал долга коса и брада.
„Ве молам споделувајте, по сознанија од очевидец, брат ми Миле Тодоров, исчезнат на 30.01 е виден како се движи покрај планината ‘Серта’, доста бил ослабнат и со долга коса и брада. Ве молам ако се движите таму и видите таков човек, да пријавите во полиција“, стои во нејзината објава.

Screenshot
Од МВР за „Скопје1“ посочуваат дека пред два дена, добиле ваква пријава од зетот на изчезнатиот Миле. Тој на службениците им пријавил дека очевидецот е негов познаник, а исчезнатиот го видел утрото околу 05:30 часот, додека се движел во правец Неготино-Штип.
„Кај планина Серта, забележал лице кое наликувало на исчезнатиот М.Т. и откако му довикнал, лицето се упатило по некатегоризиран пат што води кон шумски предел. Истиот ден, во периодот од 12.00 до 18.00 часот полициски службеници од ОВР Неготино во содејство со РЦ ГР Југ и Frontex, извршиле пребарување на терен во атар на село Лакавица, штипско, но лицето не е пронајдено“, велат од МВР.
Тие посочуваат дека нивните екипи продолжуваат да преземаат мерки и активности за пронаоѓање на лицето.
