Собранието до доцна синоќа расправаше по петте интерпелации поднесени против четворица членови на Владата и претседателката на собраниската Комисија за социјална политика.
На првата пленарна седница по новогодишниот одмор, беше изгласана само интерпелацијата за претседателката на собраниската Комисија за социјална полтика Илире Даути, додека интерпелациите на четворицата членови на Владата поднесени од коалицијата „Европски фронт“ не поминаа. Собранието до доцна синоќа расправаше по петте интерпелации поднесени против четворица членови на Владата и претседателката на собраниската Комисија за социјална политика. Пратениците од опозициската СДСМ на почетокот на седницата најавија дека нема да учествуваат во расправата по интерпелациите бидејќи, според нив, нема потреба од нови поделби по етничка основа.
Координаторот на пратеничката група Оливер Спасовски на прес-конференција во Собранието рече дека причините за интерпелациите не смееле во ниту еден случај да бидат поврзани во етнички контекст, туку единствено со аргументи и факти околу работата на одреден министер или функционер. – Македонското собрание во ниту еден случај не смее да биде мета за поттикнување на било какви меѓуетнички тензии и отворање на можности за поделби помеѓу граѓаните. Доколку намерите на подносителите биле вистински, причините за интерпелации не смееле во ниту еден случај да бидат поврзани со етнички контекст, туку да бидат единствено со аргументи и со факти за работа на одреден министер или функционер. А, за жал аргументи и факти има колку сакате за да најдете причина за било каква интерпелација. Инцидентите и сквернавењето на македонското знаме, нарушувањето на јавниот ред и мир, како и употреба на огнено оружје што се случија за време на одбележувањето на Денот на албанското знаме е за секоја осуда и претставува директно загрозување на меѓуетничките односи, јавната безбедност, достоинството на Македонците и исто така и друг настан кој што се случува во смисла на сквернавење на други симболи, не одат во прилог на градење на меѓуетничките односи. Постапувањето на институциите и преземање на сите потребни мерки за санкционирање на сторителите на овие пред се непромислени и штетни дејствија не можат да бидат предмет на политичка интерпелација. Постојат закони и ако тие закони се прекршени, тогаш мора да се постапува и мора да носат одговорност- рече Спасовски.
Интерпелациите за четворицата владини функционери не беа поддржани ниту од владејачкото мнозинство. Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“ не ги поддржаа интерпелациите на четворицата членови на Владата. Ја повикаа ДУИ да се надмине себе си, да ги тргне интерпелациите на страна и да ги поддржи мерките на Владата за подобар животен стандард на сите граѓани и да дејствува како опозиција со соодветни, конструктивни политики.– Тоа што беше порано веќе не постои, сега сите сме еднакви пред законите. На земјава не и требаат бесмислени дискусии, туку стабилнот, подобар стандард, просперитет, подобро здравство и образование. Приклучете се на промените како опозиција и делувајте со соодветно оружје. Интерпелациите нема да ги поддржиме, поддржуваме единствено политики за развој на сите, за подобро утре на сите – рече Љупчо Пренџов од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
Од Европскиот фронт, кој ги поднесе четирите интерпелации, побараа политичка одговорност и оставка од вицепремиерот Изет Меџити, а како причини за неговата интерпелација ги наведоа случајот од 28 ноември со палењето на државното знаме, Балансерот, одлуките на Владата за бришење на дијаспората и Законот за јазиците.