Тој денеска во своето обраќање на панел-дискусијата на Академијата за европска интеграција (AEI): „Тркалезна маса – Патот на Македонија до ЕУ: Предизвици и можности во 2025“, посочи дека состојбите кои се случуваат во земјава, во регионот и Европската Унија носат многу турбуленции за основите на владеење на правото.
„Не се работи само за Македонија, туку и за регионот на Западен Балкан и за Европската Унија, тоа е предизвик од светски размери. Тоа носи многу турбуленции за основите на владеење на правото. За жал, геополитичките настани не ни ја олеснуваат нашата работа поврзана со владеење на правото. Напротив. Ова бледнее пред предизвиците со кои светот се соочува“, додаде Лански.
Тој потенцираше дека денешната конференција е многу важна, посочувајќи дека нивната работа е да се стави фокусот на состојбата кај нас, во регионот и Унијата, за да надвладее владеење на правото.
„Затоа, улогата на академијата која ја создадовме, е поважна од кога и да е. Многу ни е важна оваа конференција. Сметаме дека нашата работа е да се фокусираме на ситуациите тука, како и во регионот и во Унијата, за да надвладее владеење на правото. Затоа сме тука“, рече Лански.
На новинарско прашање дали посетата на српскиот претседател Вучиќ на Москва стави крај или ја забави интеграцијата на Србија во Унијата, Лански одговори дека според него државите имаат право да ја дефинираат својата надворешна политика.
„Не верувам во тоа и не се надевам на такво нешто. Сметам дека од една страна државите имаат право да ја дефинираат својата надворешна политика, така што тоа им помага на нивните цели за интеграција. Но, од друга страна тие треба да се грижат за својата економија. Јас не сум политичар. Јас сум меѓународен правник“, додаде Лански.
Тој напомена оти смета дека државите треба да ги прифатат правилата на „клубот“ во кој се наоѓаат.
„Не верувам дека постои обврска да се делува спротивно од тоа. Според моето скромно мислење, претседателот Вучиќ има активна дипломатија, како и многу други држави. Активна дипломатија не е минус, туку е плус. Според моето скромно мислење, лидерите имаат обврска да имаат отворена дипломатија, а не спротивно“, рече Лански.
Дебатата на настанот ја отвори и модерираше професорот од Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје, Васко Наумовски, кој е поранешен вицепремиер за европски прашања и амбасадор во САД.
На дискусијата свои пораки за предизвиците на ЕУ испратија и Марија Бергер, судијка од Европскиот суд на правдата, пратеникот од Европскиот парламент Клаус Волфер кој е поранешен директор за Југоисточна Европа и проширување на ЕУ во МНР на Австрија. На дебатата учествуваше и Герхард Јарош, раководител за меѓународно кривично право во LGP Group и поранешен заменик главен обвинител во Виена.