• вторник, 15 јули 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Берлин го разбира предвременото заминување на Трамп од самитот на Г7

Берлин го разбира предвременото заминување на Трамп од самитот на Г7

Кананаскис, 17 јуни 2025 (МИА) - Германската влада изрази разбирање за одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да го прескокне вториот ден од состаноците на самитот на Г7 во Канада, поради ескалацијата на кризата на Блискиот Исток.

Портпаролот на владата, Стефан Корнелиус, изјави дека по интензивните и продуктивни дискусии за прашања поврзани со глобалната економија, трговијата и безбедноста на суровините, Германија го почитува изборот на американскиот претседател да го напушти самитот пред предвиденото.

Тој додаде дека лидерите размениле детални мислења за ситуацијата на Блискиот Исток и го делат очекувањето дека конфликтот мора брзо да се реши преку политички средства.

Корнелиус нагласи дека на Иран никогаш не смее да му се дозволи да се здобие со нуклеарно оружје и рече дека решавањето на кризата треба да доведе до широка деескалација на непријателствата во регионот.

Тој, исто така, истакна дека самитот денеска ќе продолжи да се фокусира силно на војната во Украина.

Во меѓу време, Трамп увери дека не го напуштил самитот на Г7 во Канада пред неговиот крај поради конфликтот меѓу Израел и Иран и остро го критикуваше својот француски колега Емануел Макрон за тоа што ги претставува работите на тој начин.

Претходно, Белата куќа соопшти дека американскиот претседател ќе го напушти самитот на Г7 предвреме поради конфликтот меѓу Израел и Иран. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан