Кој ќе седне на клупата на Реал? Раул не е главниот фаворит и покрај клубската традиција

од Љубиша Владимиров
106 прегледи

Чаби Алонсо останува главен кандидат за тренер на Реал Мадрид, но клубот би можел да именува привремено решение пред настапот на Светското клупско првенство. Според шпанскиот весник „Релево“, во игра се две имиња, а фаворит за оваа улога е поранешниот тренер на „Кралевите“ – Сантијаго Солари.

Иако традицијата на Реал наложува во вакви ситуации функцијата да ја преземе тренерот на вториот тим – Кастиља, кој моментално е предводен од легендата Раул, раководството на клубот размислува поинаку. Причината, според информациите, е што Солари нема амбиции да стане постојан тренер на првиот тим, што го прави „безбедна“ опција за транзицискиот период.

Дополнително, неговото претходно искуство како тренер на Реал, како и долгогодишната работа во структурата на клубот, го прават логичен избор за краткорочно решение. Од друга страна, Раул, иако добро го води вториот тим, има јасни амбиции да стане главен тренер на првиот тим. Ова, според размислувањата на претседателот Флорентино Перез, може да го закомплицира планот на клубот.

Ако Раул го освои Светското клупско првенство како привремен тренер, клубот би се нашол во незгодна ситуација – тешко би било да се отпушти легенда која донела трофеј за краток период. Токму затоа, Перез и управата на Реал инсистираат на долгорочен проект, во кој Чаби Алонсо е единствениот сериозен кандидат за иднината на клупата на „Сантијаго Бернабеу“.

Слични содржини