Пациентите задоволни од медицинскиот кадар, но бараат подобри услови во штипската физикална терапија „Кежовица“
Зградата на Одделението за физикална медицина и рехабилитација при Клиничка болница - Штип се наоѓа веднаш до градската бања „Кежовица“ и е во близина на штипската историска населба Ново Село, веднаш по кањонот што го формира реката Брегалница при излегување од градот кон Радовиш и Струмица. Температурата на водата е 74 степени Целзиусови на изворот и е малку радиоактивна, што се користи за медицински цели. По лековитост е слична со најпознатата бања во Европа „Карлови Вари“.
Според лекарите и пациентите овде лек се наоѓа за многу болести, како ишијас, спондилоза, скршеници на долни и горни екстремитети и стерилитет.
Началникот на Одделението за физикална медицина и рехабилитација при Клиничка болница-Штип, Никола Костадинов вели дека во објектот, кој е изграден пред повеќе од половина век, лани поминале 4.500 пациенти, од кои најмалку имаат по три до пет апликации или тоа се околу 200.000 процедури на годишно ниво, што е своевиден рекорд во однос на рехабилитацијата.
Пациентите кои ги затекнавме пред зградата велат дека се задоволни од лековитостата на водата. Пофални зборови имаат и за здравствените работници, но според нив мора да се подобрат условите во овој објект.
Седудмедест годишниот Владо Дончевски и неговата сопруга, 66 - годишната Стефанка Дончевска од Пробиштип секој ден од нивниот дом патуваат и ги примаат терапиите на штипското Одделение за физикална медицина и рехабилитација. Дончевски од 2013 година по операцијата на двата колка секоја година е на ова одделение, а неговата сопруга пред извесно време имала операција на едниот колк и е со помагала. Двајцата во глас одговараат оти се задоволни од медицинскиот кадар.
- Оваа бања ми го продолжува здравјето и како што гледате по толку години имам помош. Сега е средено, но пред неколку години не беше. Сега сме задоволни и брзо оди терапијата со струи, со вежби, со се, вели Дончевски.