Свет
За реконструкција на Украина ќе бидат потребни повеќе од 520 милијарди долари

Трошоците за обнова на украинската економија по завршувањето на војната се проценуваат на 524 милијарди долари, објавија денеска Светската банка, Обединетите нации, Европската комисија и владата во Киев.
Најтешко погодени сектори се домувањето, транспортот, енергетиката, трговијата и образованието, пишува „Ројтерс“.
Украинската влада, со поддршка од донатори, одвои речиси 7,4 милијарди долари за приоритетни потреби оваа година, но сè уште ѝ недостигаат речиси 10 милијарди долари.
Директната штета од руските напади достигна 176 милијарди долари, што е за 24 милијарди долари повеќе од пред една година.
Околу 13 отсто од станбениот фонд на Украина е оштетен или уништен погодувајќи повеќе од 2,5 милиона луѓе.
Во текот на изминатата година евидентирани се 70 отсто повеќе штети на енергетските постројки.
Беше наведено дека за реконструкција на станбениот сектор ќе бидат потребни речиси 84 милијарди евра, а само чистењето на урнатините ќе чини речиси 13 милијарди.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Американскиот напад уништи само еден од трите ирански нуклеарни постројки, според ново истражување

Нова американска истрага заклучи дека американските напади во јуни во голема мера уништиле еден од трите нуклеарни објекти на Иран, но дека другите два не биле толку оштетени, објави „Ен-би-си њуз“ повикувајќи се на сегашни и поранешни американски функционери.
Во извештајот се тврди дека нападот врз иранскиот нуклеарен објект „Фордо“ бил успешен во забавувањето на напорите за збогатување ураниум за речиси две години.
Другите два објекта не биле толку оштетени и збогатувањето би можело да продолжи во следните неколку месеци доколку Иран така одлучи.
Портпаролката на Белата куќа, Ана Кели, за Ен-би-си изјави дека „како што претседателот претходно рече, а експертите потврдија, операцијата ‘Полноќен чекан’ целосно ги уништи нуклеарните капацитети на Иран“.
Портпаролот на Пентагон, Шон Парнел, за истиот медиум изјави дека Трамп „бил јасен, а американскиот народ разбрал: нуклеарните објекти на Иран во Фордо, Есфахан и во Натанц беа целосно уништени и дека нема сомнение за тоа.
САД минатиот месец почнаа напади врз иранските нуклеарни постројки тврдејќи дека Иран работи на развој на нуклеарно оружје. Техеран инсистира дека неговиот нуклеарен развој е само за цивилни цели.
Првичната процена на Агенцијата за одбранбено разузнавање на САД во јуни сугерира дека нападите можеби само ја забавиле нуклеарната програма на Иран за неколку месеци. Но, претставници на администрацијата на Трамп рекоа дека оваа процена е несигурна и е спротивна на разузнавачките информации што покажуваат дека нуклеарната програма на Иран е сериозно оштетена.
Според иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи, нападите врз „Фордо“ предизвикале голема штета, објавува „Ројтерс“.
Европа
Медведев: Можеби ќе бидат неопходни превентивни напади врз Западот

Поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев денес изјави дека Западот практично води целосна војна против Русија и дека Москва треба да одговори на ист начин и, доколку е потребно, да изврши превентивни напади, објави руската државна новинска агенција ТАСС, пренесе „Ројтерс“.
Медведев, кој е заменик-претседател на Рускиот совет за безбедност, се претставуваше како либерален модернизатор кога беше претседател од 2008 до 2012 година, но оттогаш се позиционира силно како антизападен јастреб во Кремљ. Дипломатите велат дека неговите изјави го одразуваат размислувањето на дел од политичката елита.
„Она што се случува денес е посредничка војна, но во суштина тоа е целосна војна (лансирање западни ракети, сателитско извидување итн.), пакети-санкции, гласни изјави за милитаризација на Европа“, ТАСС го цитира Медведев. Тој го обвини Западот дека со векови се обидува да ја ослабне Москва.
„Ова е уште еден обид да се уништи историската аномалија што Западот ја мрази – Русија, нашата земја“, продолжи Медведев.
„Мораме да дејствуваме соодветно. Да одговориме целосно. И доколку е потребно, да извршиме превентивни напади“, рече тој додавајќи дека многумина на Запад носат предавство и застарени погледи за сопствената супериорност во крвта.
Воениот сојуз предводен од САД, НАТО, ја смета Русија за голема закана, а политичарите во Западна Европа честопати сугерираат дека Русија, која испрати десетици илјади војници во Украина во 2022 година, еден ден би можела да нападне земја членка на НАТО.
Медведев ги отфрли ваквите тврдења како целосна бесмислица истакнувајќи дека рускиот претседател Владимир Путин постојано ги негира.
„Изјавите на западните политичари на оваа тема се целосна бесмислица. Би додал дека оваа бесмислица е намерно поставена во информативниот простор со цел да се дестабилизира веќе сложената ситуација. Тоа е уште едно бојно поле на отворената војна на Западот против нас“, рече Медведев.
Русија и САД се, веројатно, најголемите нуклеарни сили во светот, со речиси 87 % од целото нуклеарно оружје по што следуваат Кина, Франција, Велика Британија, Индија, Пакистан, Израел и Северна Кореја, според Федерацијата на американските научници.
Свет
Командант на НАТО: „Патриотите“ ќе бидат доставени во Киев што е можно побргу

Подготовките се во тек за брзиот трансфер на дополнителните системи за воздушна одбрана „Патриот“ во Киев, изјави денес врховниот воен командант на НАТО, Алекс Гринкевич.
„Соработуваме многу тесно со Германците за трансферот на ‘Патриот’“, рече Гринкевич на конференција во германскиот град Висбаден.
Американскиот претседател Доналд Трамп оваа недела објави построг пристап кон Русија и му вети на Киев нови ракети и друго оружје. Во вторникот тој рече дека некои ракети „Патриот“, кои доаѓаат од Германија, веќе се на пат кон Украина.