Американскиот претседател Доналд Трамп го напушти самитот на Г7 оваа недела порано од планираното бидејќи беше налутен од францускиот претседател Емануел Макрон и бидејќи не беше заинтересиран за средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски, тврди „Фајненшл тајмс“.
„Фајненшл тајмс“ истакнува дека НАТО го скратил претстојниот самит на лидерите во Хаг на само една работна сесија за да избегне повторување на предвременото заминување на Трамп, што се случи за време на самитот на Г7 оваа недела во Канада.
Трамп по напуштањето на самитот рече: „Морам да се вратам порано од оправдани причини“.
„Луѓе запознаени со дискусиите рекоа дека неговата одлука да замине е резултат на иритацијата од Емануел Макрон, кој го посети Гренланд и се спротивстави на плановите на Трамп да ја преземе контролата врз островот, како и од недостатокот на интерес на американскиот претседател да се сретне со украинскиот лидер“, пишува „Фајненшл тајмс“.
Откако Трамп го напушти самитот, Макрон рече дека Трамп заминал за да работи на прекин на огнот меѓу Израел и Иран. Сепак, набрзо следеше реакцијата на Трамп.
„Францускиот претседател Емануел Макрон, кој бара публицитет, погрешно рече дека го напуштив самитот на Г7 во Канада за да се вратам во Вашингтон и да работам на „прекин на огнот“ меѓу Израел и Иран. Грешка! Немам поим зошто сега сум на пат кон Вашингтон, но тоа сигурно нема никаква врска со прекинот на огнот. Тоа е многу поголемо од тоа. Без разлика дали е намерно или не, Емануел секогаш греши“, напиша Трамп.