Банки
Средба на Ангеловска-Бежоска и Сојузот на средношколците: Финансиска едукација наместо финансиски совети од инфлуенсери на социјалните мрежи

„Mладите не смеат да се потпираат на непроверени извори за финансиски совети, финансиската едукација преку формалните канали не смее да биде заменета со совети од влијателни лица (т.н. инфлуенсери) на социјалните мрежи“, порача гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска на средбата со членовите на Сојузот за средношколци, којашто се одржа во рамките на Глобалната недела на парите, којашто оваа година се одржува под мотото „Размисли пред да „заследиш“, за безбедност на твоите пари во иднина“. „Динамичните промени во финансискиот систем мора да бидат придружени со соодветни промени во образовниот систем, за да имаме младина којашто е подготвена активно да се вклучи во сите текови на општественото делување“, посочи Ангеловска-Бежоска и ги повика младите да бидат љубопитни, да прашуваат, да истражуваат и постојано да ги надградуваат своите знаења, бидејќи тоа е најдобриот начин да ја обликуваат својата иднина преку одлуки засновани на информации и мудро управување со ресурсите.
Истражувањата покажуваат дека околу една третина (31%) од младите на возраст од 18 до 21 година во Обединетото Кралство се потпираат на извори на интернет, вклучително на влијателни лица (т.н. инфлуенсери) на социјалните мрежи за насоки и информации во областа на финансиите, од кои 25% се потпираат главно на „Тик-ток“.
„Во светот којшто се менува со невидена брзина, во предвечерието на петата индустриска револуција, финансиското знаење не е повеќе луксуз, туку е суштинска потреба. Според начинот на кој управуваме со нашите финансии, ги донесуваме одлуките и ги разбираме економските текови, се обликува не само нашиот личен напредок, туку и стабилноста и напредокот на целото општество“, истакна гувернерката, поддржувајќи ја иницијативата на Сојузот на средношколци, коишто преку презентација ја претставија важноста на финансиската едукација за младите.
Податоците од последните мерења од страна на ИНФЕ-ОЕЦД за финансиската писменост во нашата земја укажуваат дека младите на возраст од 18 до 29 години имаат 54% од вкупните бодови за финансиски знаења, што е малку под просекот од регионот којшто изнесува 56%, но сѐ уште постои јаз во однос на земјите од Европската Унија. Во еврозоната, во 2021 година, 95% од младите на возраст од 15 до 24 години имале сметка, наспроти 74% од младите кај нас, исто така 90% од младите поседуваат дебитна или кредитна картичка, а кај нас 52%. Исто така, 82% од младите во еврозоната имаат некаква заштеда, а во нашата земја само 50% од младите. Дури 93% од младите во еврозоната направиле дигитално плаќање, наспроти 64% од младите кај нас. Сепак, позитивни придвижувања се забележуваат кај штедењето, при што јазот е намален од 40 на 32 п.п. и кај дигиталните плаќања од 40 на 29 п.п. во споредба со 2014 година.
„Овие бројки не треба да нè обесхрабрат, туку напротив – треба да нè мотивираат да поттикнеме промени. Тоа значи дека постои простор за подобрување преку едуцирање на најмладите уште од ученичките клупи, со заеднички напори како од страна на финансиските регулатори, приватниот финансиски сектор, така и од страна на образовните институции“, истакна гувернерката Ангеловска-Бежоска.
Банки
Сѐ повеќе граѓани плаќаат преку телефон и со картички

Според податоците од платежната статистика на Народната банка, и во првите три месеци од 2025 година граѓаните сѐ повеќе користат мобилни апликации и картички за да плаќаат, наместо да одат на шалтер и да користат хартиени налози.
Во споредба со истиот период лани, бројот на плаќањата со платни налози пораснал за 2,7%, а вредноста за дури 17,7%. Особено брзо растат електронските плаќања преку интернет или мобилен телефон коишто се зголемени за речиси 13% по број и за над 30% по вредност.

Најголемиот дел од електронските трансакции (над 70%) се направени преку мобилни апликации, што покажува дека телефонот станува омилен начин за плаќање – брзо, едноставно и достапно.
И употребата на платежните картички и натаму расте. Бројот на плаќањата со картички е зголемен за 1,1%, а вредноста за 8,6%. Овој раст најмногу се должи на зголеменото купување преку интернет (7,1%), но има раст и кај плаќањата во продавниците (0,6%).
Овие бројки од платежната статистика покажуваат дека сѐ повеќе граѓани се префрлаат на дигиталните начини на плаќање.
До објавените податоци може да пристапите на следнава врска: Платежна статистика на Народната банка.
Банки
Експозитурата „Илинден“ на НЛБ Банка, нов модерен банкарски објект на нова локација

НЛБ Банка ги отвори вратите на својата експозитура „Илинден“ која од неодамна е преселена на нова локација на Улица 2 бр.1в, кај кружниот тек во населбата Илинден. Новата експозитура сместена на површина од 108м2 претставува модерен, репрезентативенбанкарски објект, чиј деловен модел е обмислен во насока на удобност и функционалност.
Со внимателен избор на материјали, отворен концепт и интуитивна организација на просторот, експозитурата овозможува поголема ефикасност на работните процеси и унапредено корисничко искуство.

Во објектот се сместени два шалтера за благајничко работење, канцеларии за кредитирање на физички лица, платен промет и картично работење, како и 24/7 часовна АТМ зона со банкомат за исплата и уплата на готовина, а наскоро ќе биде ставена во функција и самоуслужна машина за уплата на дневен пазар за правни лица, без чекање на шалтер и без посредство на банкарски службеник, чија предност е што средствата многу брзо доспеваат на сметката на правниот субјект.

Новата експозитура во населбата Илинден е дел од пошироката стратегија на НЛБ Групацијата 2025 – 2030 година за модернизација и дигитализација на продажната мрежа, водена од забрзаната технологија и сè поголемата потреба од страна на клиентите за самостојно, едноставно, брзо и безбедно банкарско работење, која истовремено ги рефлектира вредностите на Банката – иновативност, доверба и грижа за клиентите и вработените.
Експозитурата во Илинден го задржува досегашното работно време и истата ќе работи од 08:00 до 16:00 часот, од понеделник до петок.
Банки
Конституенцата на ММФ и СБ: Народната банка e столб на макроекономската и финансиската стабилност

Гувернерот д-р Трајко Славески, и министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, ја предводеа делегацијата на годишниот состанок на Конституенцата на Меѓународиот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка (СБ), на која ѝ припаѓа нашата земја, а којшто годинава се одржува во Луксембург. Дел од делегацијата е и вицегувернерката Ана Митреска. На билатералните средби коишто ги остварија беше потврдена улогата на Народната банка како столб на макроекономската и финансиската стабилност во земјава.
За време на средбите со високите претставници од ММФ и Светската банка − Јерун Клик, Марникс ван Рај, Марк Хортон и Јуџин Ругенаат − се водеа плодни дискусии за сегашните предизвици на централните банки.

Во рамките на дијалогот беше истакната важноста на координацијата меѓу централните банки и меѓународните финансиски институции за унапредување на финансиската вклученост, дигитализацијата на финансискиот систем и унапредувањето на регулативните рамки. Се разговараше и за начините на кои Народната банка ја поддржува макроекономската стабилност преку ефикасно управување со монетарната политика и силна регулаторна улога.
Овие средби ја потврдија довербата во капацитетот и посветеноста на Народната банка како стабилен и кредибилен партнер, што придонесува кон создавање отпорна и успешна економија, со подобри услови за граѓаните и за стопанските субјекти.
Народната банка и во иднина ќе биде посветена на својата мисија за обезбедување сигурност и стабилност на финансискиот систем, како основа за одржлив економски развој и напредок на земјава.
- Банкипред 2 недели
Стопанска банка АД – Скопје назначи нов Генерален директор за финансии и член на Управниот одбор
- Продуктипред 1 месец
Почни го летото со премиум поволности и поголеми бонуси со Visa Gold и Visa Classic од Комерцијална банка
- Продуктипред 1 месец
Финансиска поддршка на дофат: потрошувачки кредит за сè што не може да чека
- Продуктипред 3 недели
Халкбанк овозможува кредит целосно онлајн, без шалтер и документација
- Продуктипред 1 месец
ProActive – сметка што води сметка за вас и за сѐ околу вас
- Вработувањепред 2 месеци
Оглас за вработување во Штедилница Можности
- Интервјуапред 1 месец
Интервју | ЕЛЕНА ПЕТРОВА: УЈП мора да биде сервис кој граѓаните и фирмите ќе го доживуваат како партнер, а не како товар
- Банкипред 2 месеци
ТРАЈКО СЛАВЕСКИ НА ЧЕЛО НА МОНЕТАРНАТА ВЛАСТ: Кој е новиот гувернер на Народната банка?