1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија: Кои се најважните идни министри од ЦДУ и од ЦСУ

Зоран Арбутина | агенции | СН
29 април 2025

Една недела пред изборот на новата влада во Германија беа соопштени имињата на идните министри од редовите на демохристијанската Унија. Дел од нив ќе раководат се некои од најважните ресори во идната влада.

https://p.dw.com/p/4tgqM
Идниот канцелар на Германија, Фридрих Мерц го објави министерскиот тим на демохристијаните
Идниот канцелар на Германија, Фридрих Мерц го објави министерскиот тим на демохристијанитеФотографија: Christoph Soeder/dpa/picture alliance

Христијанско-демократската унија (ЦДУ) ја започна неделата плодоносно кога станува збор за идната влада на Германија, која како канцелар треба да ја предводи нејзиниот претседател Фридрих Мерц. Поширокото раководство на партијата, во понеделникот (28.04), имено, даде зелено светло за коалицискиот договор со помалиот владин партнер Социјалдемократската партија (СПД) а претходно ги објави и имињата на идните министри од нејзините редови, но и од сестринската партија Христијанско-социјалната унија (ЦСУ), која претходно даде согласност за коалицискиот договор. 

Така, министерството за надворешни работи во новата влада треба да го преземе Јохан Вадефул. Поранешната државна секретарка за животна средина и транспорт, Катерина Рајхе, е назначена за идна министерка за економија. Како што се очекуваше, блискиот соработник на Мерц, Торстен Фрај, е номиниран за важната позиција шеф на Кабинетот на канцеларот, која е на ниво на сојузен министер. Од редовите на Христијанско-социјалната унија (ЦСУ), Александер Добринт треба да биде министер за внатрешни работи.

Министер за транспорт треба да биде Патрик Шнидер, додека Министерството за образование ќе го преземе досегашната министерка за образование на сојузната покраина Шлезвиг-Холштајн, Карин Прин. Нина Варкен треба да стане министерка за здравство, а претприемачот Карстен Вилдбергер треба да го предводи новоформираното Министерство за дигитализација и модернизација на државата.

Вадефул ги презема надворешните работи

За првпат по речиси 60 години, ЦДУ повторно назначува сојузен министер за надворешни работи - за таа позиција е номиниран експертот за надворешна политика од редовите на христијанските демократи, Јохан Вадефул. Со години таа позиција ја држеа политичари од Либералната партија (ФДП), а најмногу долгогодишниот лидер на либералите, Ханс-Дитрих Геншер. Во последните години, на функцијата беа и социјалдемократите, а на крај и Аналена Бербок од Зелените, која веќе му честиташе на Вадефул.

Јохан Вадефул од ЦДУ
Јохан Вадефул од ЦДУФотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

Јохан Вадефул ја презема функцијата во време кога светскиот поредок е сериозно разнишан и кога големите меѓународни кризи ја одредуваат политиката на актерите на светската политичка сцена, што Германија сигурно би се стремела да биде. САД, Украина, Блискиот Исток и многу повеќе: долг список на теми го очекуваат овој 62-годишник.

Големо прашање е колку простор ќе му остави веројатниот иден канцелар Фридрих Мерц за обликување на германската надворешна политика.

Вадефул се опишува себеси како убеден Европеец кој е „фасциниран“ од „мировниот проект“. Ги поддржува аспирациите на земјите од Западен Балкан за членство во Европската Унија. Тој се залага за „принципиелен поредок заснован на правила“, „благодарение на кој го зачувавме мирот, просперитетот и безбедноста“, рече тој.

Вадефул редовно нагласуваше дека и натаму сака да ја поддржи Украина во борбата против агресорската војна на Русија. Тој го критикуваше американскиот претседател Доналд Трамп за неговиот предложен „договор“ за мир во Украина, кој би вклучувал предавање на делови од украинската територија.

Нов силен човек во сенка: Торстен Фрај

За функцијата шеф на кабинетот на канцеларот, кој е на ниво на сојузен министер, Фридрих Мерц го номинираше својот долгогодишен близок соработник Торстен Фрај.

Во политички  Берлин, тој разви свој препознатлив стил: неговата љубезност изгледа речиси некршлива. Овој 51-годишен демохристијанин не ја покажува грубоста која денес често ги карактеризира политичките дискусии на сојузно ниво. Сега, во новата сојузна влада, тој треба да стане еден од најмоќните луѓе зад сцената: на чело на канцеларијата на канцеларот, тој добива една од клучните улоги во власта.

Торстен Фрај од ЦДУ
Торстен Фрај од ЦДУФотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

Фрај се залага за строг курс во безбедносната и миграциската политика. Минатата година, тој предизвика критики дури и во сопствената партија кога предложи укинување на индивидуалното право на азил - со што го доведе во прашање правото загарантирано со Уставот. Критичарите го сметаат за десничарски провокатор во цивилно руво.

Министер за внатрешни работи од Баварија

Од редовите на баварските христијански социјалисти (ЦСУ) беше објавено дека поранешниот шеф на пратеничката група на ЦСУ, Александер Добринт, треба да стане нов сојузен министер за внатрешни работи.

Враќањето на Добринт во сојузната влада е јавна тајна веќе некое време - од 2013 до 2017 година, тој веќе беше министер за транспорт. Неговото враќање во кабинетот стануваше сè поверојатно во последните недели. Во коалициските преговори, тој одигра клучна улога за ЦСУ заедно со Маркус Зедер. Дека тој сега го презема најважното министерство под водство на ЦСУ и со тоа зазема централно место на владината маса, се чини како логичен чекор.

Александер Добринт од ЦСУ
Александер Добринт од ЦСУФотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

Функцијата сојузен министер за транспорт и дигитална инфраструктура (од 2013 до 2017 година) му донесе многу критики, меѓу другото, и за контроверзниот данок на патарини за лични возила. Сега, како министер за внатрешни работи, тој ќе мора да покаже дека може да ја спроведе строгата политика за азил на Унијата - што нема да биде лесна задача.

Менаџерка на министерската функција за економија

Нова министерка за економија треба да биде политичарката од ЦДУ и успешна менаџерка Катерина Рајхе. Номинацијата на оваа 51-годишна жена на таа позиција е изненадување. Во 1998 година, на 25-годишна возраст, таа влезе во Бундестагот, на кој припаѓаше до 2015 година. 

Катерина Рајхе од ЦДУ
Катерина Рајхе од ЦДУФотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

Таа беше парламентарен државен секретар седум години, а беше и член на сојузното претседателство на ЦДУ. По потекло од источногерманската покраина Бранденбург, важи за самоуверена и амбициозна личност - и има добри врски.

Од 2005 до 2009 година, Рајхе беше заменик-претседателка на пратеничката група на Унијата. Таа се залагаше за изградба на нови нуклеарни централи и предупреди дека Германија не смее свесно да влезе во енергетска криза.