Албанското Специјално обвинителство против корупција и организиран криминал (СПАК) ќе набави специјална опрема за прислушување или следење, во вредност од над милион евра.
Во објавата на официјална веб-страница за податоците покрај трошоците за секојдневна работа, впечатливо е што една четвртина од буџетот ќе оди за специјалната опрема. Според регистарот, во текот на оваа година СПАК очекува да потроши вкупно три милиони евра за инвестиции, но од нив 1.104.994 евра да одат за специјалната опрема.
„СПАК го користи прислушувањето и следењето како начин за справување со корупцијата и организираниот криминал. Во меѓувреме, методот што ја алармира политиката е запленувањето мобилни телефони. СПАК запленува стотици телефони секоја година и, благодарение на пораките или разговорите пронајдени таму, доаѓа до докази. Но, фактот дека ќе се купи нова опрема за прислушување, следење и слично, покажува дека СПАК се подготвува за други сензационални напади“, наведува „Памфлети“.
Додава дека иако ова ќе биде последната година на Алтин Думани како прв човек на СПАК, се чини дека прави сè за да се осигура дека институцијата го завршила процесот на опремување и реконструкција на својата зграда и на Националното биро за истраги.
Думани за прв човек на СПАК, со тригодишен мандат, беше избран во средината на декември 2022 година, кога најави дека обвинителство преминува на поагресивна борба против корупцијата на функционерите на сите нивоа, што и го спроведува.
По заканите што ги добиваше, од август следната година се спроведуваат засилени безбедносните мерки за него. Тој се вози со блиндиран автомобил, во близина на неговата куќа е зајакната полициска група, која го обезбедува а областа каде што живее, во населбата „Комитети“ е надгледувана со дронови.