Во последните неколку дена на социјалните мрежи се појавија видеа од присуство на лисици во неколку скопски населби, како Козле, Усје и близу парк шумата во Гази Баба.
Од „Анима мунди“ испраќаат апел дека овие животни не се опасни и не напаѓаат луѓе.
Лисиците, како и многу други диви животни, сè почесто се приближуваат до урбаните средини поради загуба на природните живеалишта, уништување на шумите, градежна експанзија и недостиг на храна. Ова не е закана, туку јасен сигнал дека и тие бараат начин да опстанат, велат од „Анима мунди“.
Тие наведуваат дека лисиците се животни кои се плашат од луѓе и избегнуваат контакт со нив. Нивното присуство во урбани средини не е индикатор дека се болни или агресивни. „Анима мунди“ како пример ги посочуваат Лондон, Берлин, Торонто и Љубљана како градови каде лисиците живеат паралелно со луѓето без инциденти.
Активистите посочуваат и што треба да се направи ако видите лисица.
Не обидувајте се да ја бркате, фаќате или храните. Не оставајте остатоци од храна или отворени канти за ѓубре, затоа што тоа ги привлекува. Ако сте со домашно милениче – држете го на поводник и останете смирени, лисицата ќе избега. Пријавете ако видите повредена или залутана лисица, велат тие.
Побарале и мислење од Македонското Еколошко Друштво (МЕД).
Лисиците се редовни жители на Водно и често се забележуваат и во градските населби како Жданец, Водно, Козле и Нерези. Забележувањето на мајка со млади е јасен показател дека се работи за здрави единки. Лисиците, како и другите животни кои се опортунисти во исхраната, лесно може да бидат привлечени во градските и селските средини од органски отпад кој не се селектира и не се собира редовно, одговориле на Анима мунди од МЕД.
Активистите од Анима мунди апелираат да не се шири беспотребна паника, да се има почит и разбирање кон животните и да се живее во хармонија со природата.