Свет
Цената на авионските билети ова лето има можност да се зголеми меѓу пет и десет проценти на годишно ниво

Ирската нискобуџетска авиокомпанија „Рајанер“ може да ги зголеми цените на билетите ова лето 10 отсто на годишно ниво поради недостиг на авиони, изјави извршниот директор на компанијата, Мајкл О’Лири.
Тој рече дека проблемите со испораките на авионите „боинг“ и „ербас“ ќе го ограничат капацитетот за превоз на патници и тоа ќе се одрази на поскапувањето, пренесува „Скај њуз“.
„Нашите просечни цени на авионските билети се зголемија 17 отсто на годишно ниво во летото 2023 година, а тие повторно ќе се зголемат во летото 2024 година“, објави Мајкл О’Лири.
„Рајанер“ во моментот верува дека цената на авионските билети ова лето ќе се зголеми меѓу пет и 10 проценти на годишно ниво.
„Може да биде повисоко од тоа, може да биде пониско од тоа, навистина не знаеме“, рече О’Лири.
„Рајанер“ првично предвиде дека ќе превезе 205 милиони патници во фискалната година што завршува на крајот на март 2025 година.
Очекувањата сега се поскромни поради недостигот на авиони.
Со помалку авиони можеби ќе треба да ја намалиме таа бројка на 200 милиони патници или дури и под тоа, предупреди Мајкл О’Лири.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Кремљ тврди дека Путин му рекол на Папата во телефонски разговор дека Киев го ескалира конфликтот

Рускиот претседател Владимир Путин вчера имаше телефонски разговор со папата Лав XIV за војната во Украина, велејќи дека сака да постигне мир преку „дипломатски“ средства, но исто така го обвини Киев дека се обидува да го „ескалира“ конфликтот.
„Владимир Путин го привлече вниманието на фактот дека режимот во Киев смета на ескалација на конфликтот и врши саботажа на цивилната инфраструктура на руска територија“, објави Кремљ по разговорот.
Ројтерс потсетува дека ова е првиот разговор меѓу новиот папа и рускиот лидер. Путин „го повтори својот интерес за постигнување мир преку политички и дипломатски средства, нагласувајќи дека за да се постигне конечно, праведно и сеопфатно решение на кризата, потребно е да се елиминираат нејзините длабоки причини“, додаде Кремљ.
По две рунди директни преговори со Киев во Истанбул, Москва продолжува да поставува максималистички барања за крај на својата офанзива, барајќи предавање на четири региони што Русија ги освоила од почетокот на нејзината инвазија.
Украина тврди дека Кремљ учествува во овие преговори само за да го задоволи американскиот претседател Доналд Трамп и да го одложи воведувањето на нови санкции од САД.
За време на „конструктивниот“ разговор со новиот папа, Путин ја критикуваше и одлуката на Киев во 2024 година да ја забрани православната црква под Московската патријаршија, која претходно имаше најголем број следбеници во Украина, според агенцијата Франс Прес.
Рускиот претседател го повика првиот американски папа „поактивно да се вклучи во промовирањето на верските слободи во Украина“.
Во последните недели, Ватикан беше понуден како место за можни мировни преговори меѓу Русија и Украина. Во среда, Путин затоа изрази „благодарност“ до папата „за неговата подготвеност да придонесе за решавање“ на конфликтот.
Регион
Црна Гора планира да произведува дронови; САД: Покажуваат дека се сериозни

Црна Гора планира да започне со производство на беспилотни летала во соработка со американска компанија, а првата серија ќе биде донирана на Украина, објавија денес црногорските медиуми, повикувајќи се на „писмо за намери“ усвоено од владата во Подгорица кон крајот на мај.
Во тој документ, како што објави Радио Слободна Европа, црногорската влада наведува дека оваа иницијатива ќе ги подобри капацитетите на војската во однос на НАТО, ќе ги поддржи одбранбените потреби на Украина, како и позицијата на Црна Гора како сигурен снабдувач на најсовремена одбранбена опрема на глобалниот пазар.
Се нагласува дека договорот вреден 15 милиони долари ќе биде поддржан и од американската администрација предводена од претседателот Доналд Трамп. Писмото за намери усвоено од црногорската влада на 29 мај наскоро ќе го потпишат црногорскиот министер за економски развој Ник Ѓељошај и Роберт Џ. Донахју, директор на компанијата „Бај Лајт Профессионал ИТ Сервисиз ДОО“. Тоа ќе биде претходница на договорот што треба да се потпише во септември.
Договорот предвидува користење на компании од Црна Гора и регионот за тестирање на воздушни и подводни технологии на беспилотни системи. Исто така, се наведува дека владата на Црна Гора се согласува да ја донира првата серија беспилотни системи од рано производство и сродна одбранбена опрема на Украина.
Амбасадата на САД објави дека договорот, доколку биде одобрен, ќе промовира заедничка безбедност, стабилност и напредок и дека владата на САД ги охрабрува сите земји-партнери да инвестираат и да соработуваат со американските компании.
„Инвестирањето во одбранбени капацитети, како што се американските беспилотни воздушни системи, ја покажува сериозноста на Црна Гора во исполнувањето на своите обврски кон Алијансата во време кога бараме од Европа да преземе поголем товар за нејзината безбедност“, порачаа тие.
Европа
Естонија се повлекува од Конвенцијата за забрана на противпешадиски мини, стравува од Русија

Парламентот на Естонија денес гласаше за повлекување од Конвенцијата од Отава со која се забранува употребата на противпешадиски мини, поради загриженост за потенцијална воена закана од соседна Русија.
Осумдесет и еден од 101 пратеници го поддржаа предлогот, соопшти прес-службата.
Сите пет земји од Европската Унија и НАТО што граничат со Русија – Литванија, Латвија, Естонија, Полска и Финска – објавија планови за повлекување од меѓународниот договор поради воената закана што ја претставува нивниот многу поголем сосед.
Русија не е членка на Конвенцијата од Отава и користеше мини при инвазијата на Украина. Гласањето на Естонија следеше по гласањето на Латвија и Литванија, чии парламенти веќе го одобрија повлекувањето. Земјите ќе можат да складираат и распоредуваат мини шест месеци откако ќе ги известат другите членки на договорот и Обединетите нации за нивната одлука. Ниту една од петте земји сè уште не го сторила тоа.