Високиот претставник во БиХ, Кристијан Шмит денеска во Загреб го информирал хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ за кризата во Босна и Херцеговина и можните решенија, соопшти Канцеларијата на високиот претставник.

Во соопштението се наведува дека Шмит ќе ги информира и другите држави потписнички на Дејтонскиот мировен договор за ситуацијата во БиХ.

„Меѓународната заедница, особено потписниците на мировниот договор, имаат многу искуство во обезбедувањето на стабилноста и територијалниот интегритет на БиХ“, нагласи Шмит.

Неодамнешната одлука на властите на Република Српска да прогласат закони со кои, меѓу другото, на територијата на РС се забранува работата на Судот и Обвинителството на БиХ, Високиот судски и обвинителски совет и Агенцијата за истрага и заштита на БиХ (СИПА) предизвика најголема политичка и безбедносна криза во БиХ во посетдејтонскиот период.

Овие закони беа усвоени од Националното собрание на РС веднаш откако Судот на БиХ донесе првостепена осуда против претседателот на РС, Милорад Додик поради неисполнување на одлуките на високиот претставник во БиХ, Кристијан Шмит