• Мартин Танасковски
Пеналот што го изведе Хулијан Алварез на дербито меѓу Атлетико Мадрид и Реал Мадрид беше еден од најконтроверзните моменти во штотуку завршената сезона. Играчот на Атлетико, сосема ненамерно, ја допре топката двапати при изведување на казнениот удар – што, според тогашните правила, беше доволна причина судиите да го поништат голот. Сепак, вакви ситуации наскоро ќе станат минато.
Меѓународниот фудбалски борд (IFAB), телото кое ги дефинира и ревидира фудбалските правила, донесе нова одлука со која ова спорно правило се менува.
Според новите измени, ако фудбалер ненамерно ја допре топката двапати при изведување на пенал, а топката влезе во голот, погодокот ќе биде валиден. Во такви случаи, пеналот не се поништува.
Од друга страна, доколку топката не заврши во мрежата, тогаш пеналот ќе се смета како промашен, но нема да се повторува или санкционира играчот.
Оваа измена е дел од пошироката иницијатива за поедноставување на правилата и намалување на контроверзите на теренот, особено во чувствителни моменти како што се изведувањата на пенали. Новите правила се очекува да стапат во сила од почетокот на следната сезона.